ВМРО-ДПМНЕ објави јавен повик за пријавување кандидатури за избор на претседател на државата за претседателските избори во 2019 година.
Кандидатурите се пријавуваат до конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на претседателски кандидат.
„Сите оние кандидати, кои ги исполнуваат законски предвидените обврски и услови за кандидирање за кандидат за Претседател на Република Македонија и кои се согласуваат и ги поддржуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ и сметаат дека се потенцијален кандидат, треба да поднесат индивидуално писмо за изјавување на интерес за кандидирање на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија, најдоцна до 31.01.2019 година до 18:00 часот, во просториите на централното седиште на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е плоштад ВМРО, Палата Христо Татарчев бр. 1“, рече Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Сите кандидати кои ги исполнуваат условите, ќе имаат еднакво право да ја презентираат програмата пред партијата.
Претседателскиот кандидат ќе го бираат 550 делегати на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ со тајно гласање.
За избран ќе се смета кандидатот кој добил најмногу гласови од сите кандидати, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати.
Претседателските избори треба да се распишат 60 дена пред истекот на мандатот на претседателот Ѓорге Иванов. Тој официјално го доби вториот мандат од ДИК на 2 мај 2014 година.