ПОЧИНА ФУДБАЛСКАТА ЛЕГЕНДА ДРАГОСЛАВ ШЕКУЛАРАЦ

    ПОЧИНА ФУДБАЛСКАТА ЛЕГЕНДА ДРАГОСЛАВ ШЕКУЛАРАЦЧесто се враќаше во својот роден Штип, кадешто пред две години доби и споменик. - Шекуларац (во средина) со уметникот Методи Андонов и бившиот селектор на Македонија Бошко Ѓуровски (Фото: СДК.МК)

    Драгослав Шекуларац, еден од најголемите југословенски фудбалери на сите времиња, почина денеска во Белград на 81 година.

    Роден во Штип во 1937, популарниот Шеки ја почнал фудбалската кариера во Црвена звезда во 1951 година, за чиј прв тим дебитирал на само 16-годишна возраст. За 11 сезони во црвено-белиот дрес, Шекуларац одигра 470 натпревари, постигна 119 голови и освои седум шампионски и пет куп титули. Тој не важи за каква било легенда на клубот, туку е една од неговите пет „ѕвезди“.

    Шекуларац на отварањето на споменикот посветен нему во родниот Штип (Фото: СДК.МК)

    По заминувањето од Звезда, Шекуларац оствари и богата меѓународна кариера, настапувајќи во Германија, САД, Колумбија и Франција.

    Со репрезентацијата на Југославија играше на две светски првенства и освои сребро на првото ЕП во 1960 година, како и на ОИ 1956.

    „Низ Црвена звезда поминаа илјадници спортисти, но Шекуларац имаше посебен шарм и беше вистински господин и џентлмен. Беше обожаван во општеството и затоа беше единствен. Нема сомнение дека Шеки ќе остане запаметен како еден од најголемите во историјата на фудбалот“, се вели во соопштението на Црвена звезда.

    Штипјани му се оддолжија на својот легендарен сограѓанин, па во јуни 2017 година кренаа споменик во негова чест, асоцијација на неговиот легендарен дриблинг.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира