Владата на вчерашната седница ја прифати информацијата за задолжително вклучување на децата со лесна попреченост во редовните основни училишта и го задолжи Министерството за образование и наука да воведе систем за следење на овие деца од стручни инклузивни тимови во сите училишта во Македонија. Овој систем Министерството за образование треба да го изготви најдоцна до март годинава и на квартално ниво да ја информира Владата за нивниот развој.
Министерствата за образование, труд и социјална политика и здравство, како и Бирото за развој на образованието добија задолжение до јуни годинава да подготват анализа за трансфер на децата со лесна психичка попреченост од училиштата за деца со посебни потреби во редовните училишта. Освен оваа анализа тие треба да дадат и предлог за група или групи деца кои ќе може да бидат префрлени во редовните училишта во наредната 2019/2020 учебна година.
„Министерствата за образование и наука, за труд и социјална политика и за здравство и Бирото за развој на образованието се должни во рок од 3 месеци да изготват унифицирани формулари за постапката за запишување и отпишување, како и за следење на развојот на децата во основните и средни специјални училишта кои ќе ги содржат сите потребни податоци за децата и да ја информираат Владата за преземените активности“, соопшти Владата.
Е. БОЧВАРОСКА