Министерот за здравство Венко Филипче најави дека со Фондот за здравствено осигурување, со Клиниката за детски болести и со Институтот за белодробни заболувања ја разгледуваат можноста за намалување на трошоците за партиципација за родителите кои престојуваат во болниците со нивните деца, бидејќи според законските одредби, бесплатен е престојот само за родителите чии деца се на возраст до три години.
Ова прашање здравствените власти го разгледуваат по реакциите на родителите на децата над тригодишна возраст, кои се мали и не може сами да се грижат за себе додека се во болница, а кои еден ден престој на Детска клиника или во болницата во Козле ги чини 900 денари, често и во несоодветни услови.
„Разговаравме со Фондот за здравствено осигурување, Клиниката за детски болести и Институтот за белодробни заболувања во Козле околу ова прашање, трошоците за престој на родителите за деца до 3-годишна возраст целосно ги покрива Фондот, а овој трошок на поголемите деца за родителите може да биде и значително голем ако престојот во болница е подолготраен. Се разгледуваат законските можности за намалување на тој трошок, бидејќи во тој трошок влегуваат и трошоците за оброкот на родителите. Но во секој случај, тој трошок ќе биде намален“, рече Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА