Државниот секретар на САД Мајк Помпео го поздрави усвојувањето на уставните измени и рече дека тоа ќе ѝ овозможи на Македонија да си го заземе заслуженото место во НАТО и ЕУ како Република Северна Македонија.
„САД ја поздравуваат одлуката на македонскиот Парламент да ги усвои уставните измени потребни за да се ратификува Договорот од Преспа со Грција. Македонските лидери демонстрираа визија, храброст и упорност во нивната потрага по решение за спорот за името, што ќе ѝ овозможи на Македонија да си го заземе заслуженото место во НАТО и ЕУ како Република Северна Македонија. САД ова го сметаат за историска шанса за унапредување на стабилноста, безбедноста и просперитетот низ целот регион“, се вели во изјавата на Помпео што денеска ја објави Стејт департментот.
Собранието вчера со 81 глас „за“ ги усвои четирите уставни амандмани предвидени со Договорот од Преспа и потоа со ист број гласови донесе одлука за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 со што тие стануваат дел од Уставот. Со ова, името на земјава е Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.
Следно треба грчкиот Парламент да го ратификува Договор од Преспа, со што ќе се деблокира постапката за влез на Македонија како 30. членка на НАТО.