В СРЕДА ЌЕ СЕ ГЛАСА ЗА ДОВЕРБА НА ВЛАДАТА НА ЦИПРАС, ПА СЛЕДИ РАТИФИКАЦИЈА НА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА

    В СРЕДА ЌЕ СЕ ГЛАСА ЗА ДОВЕРБА НА ВЛАДАТА НА ЦИПРАС, ПА СЛЕДИ РАТИФИКАЦИЈА НА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПАСириза има 145 свои пратеници, но може да смета на поддршка од уште двајца пратеници на други партии и уште 4-ца од Независни Грци чија пратеничка група брои 7-мина. Од Независни Грци само лидерот Панос Каменос и неговата заменичка Марија Колиа-Царуча дадоа оставки, што значи дека Ципрас може да смета на 5 од 7-те гласа на досегашниот коалиционен партнер. (Фото: Катимерини)

    Утре во Парламентот на Грција почнува седницата на која два дена ќе се расправа за доверба на владата на премиерот Алексис Ципрас, за што ќе се гласа в среда навечер. Ципрас повика на гласање доверба откако министерот за одбрана и лидер на коалициониот партнер на владејачката Сириза Панос Каменос од Независни Грци вчера даде оставка, затоа што е против ратификација на Договорот од Преспа со кој се реши спорот за името со Македонија.

    Во грчкиот Парламент недоверба се гласа со 151 глас зашто има 300 пратенци. Сириза има 145 свои пратеници, но може да смета на поддршка од уште двајца пратеници на други партии и уште 4-ца од Независни Грци чија пратеничка група брои 7-мина. Од Независни Грци само Каменос и неговата заменичка Марија Колиа-Царуча дадоа оставки, што значи дека Ципрас може да смета на 5 од 7-те гласа на досегашниот коалиционен партнер.

    Дури и да не добие доверба во Парламентот, според грчкиот Устав, Ципрас може да остане на власт, но во тој случај сигурно ќе свика предвремени избори многу порано од планираниот редовен термин во октомври.

    По гласањето доверба на владата, во парламентот следи гласање за ратификација на Договорот од Преспа што се очекува да заврши за 5-6 дена. За ова Сириза најверојатно ќе има 153 гласа, зашто се очекуваат гласови и на дел пратеници од Независни Грци, од Потами и од лидерот на Демократска левица Танасис Теохаропулос. Исто така, главната централно-левичарска партија, Движењето за промена, што е бившата ПАСОК, денеска изјави дека иако официјално партијата е против Договорот од Преспа, нејзините пратеници може да гласаат како што сакаат.

    Откако Грција ќе го ратификува Договорот од Преспа, НАТО ќе може да го активира протоколот за пристапување на Република Северна Македонија како 30. земја-членка. По потпишувањето на овој документ ќе стартува процесот на негова ратификација во парламентите сите 29 земји-членки, меѓу кои  и Грција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира