ВО СДСМ ПОДЕЛЕНОСТ ОКОЛУ ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРИ ИЗБОРИ ОТИ ВИСИ ЦЕНЗУСОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ

    ВО СДСМ ПОДЕЛЕНОСТ ОКОЛУ ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРИ ИЗБОРИ ОТИ ВИСИ ЦЕНЗУСОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИЛидерот на СДСМ Зоран Заев на 12 јануари јавно кажа дека не е за предвремени парламентарни избори, но бидејќи тоа е барање на лидер на опозицијата, СДСМ сериозно ќе го отвори прашањето. - Заев со пратеници од неговата партија и коалицијата во Собранието (Фото: СДК.МК)

    До крајот на неделата се очекува седница да има Централниот одбор на СДСМ, на кој ќе се расправа за предлогот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со претседателските избори напролет да се одржат и предвремени парламентарни избори. Тогаш треба да започне и подготовките на партиската процедура за избор на претседателски кандидат.

    Во раководството на СДСМ има поделеност дали заедно да има и претседателски и парламентарни или само претседателски избори.

    Како еден од главните аргументи за одржување на парламентарни заедно со претседателските избори е цензусот за избор на претседател. За да биде избран претседател на државата, во втор круг треба да излезат околу 720 илјади гласачи.

    Од владејачката коалиција за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека виси цензусот бидејќи големо било незадоволството кај неопределените гласачи и кај дел од партиското членство поради големите отстапки што ги направила партијата за да помине Договорот од Преспа, посебно со амнестијата на пратениците кои беа обвинети за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, како и ослободување од притвор на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев, обвинети во случајот „Империја“ како и застојот на економските реформи.

    „Може да се случи голема апстиненција на гласачите за претседателските избори поради разочараноста од болните компромиси за Договорот од Преспа, а и ВМРО-ДПМНЕ не кажува дали силно ќе настапи на изборите. Затоа треба да има и парламентарни. Распоредот на силите во Парламентот кажува дека тешко дека до 2020 година, кога треба да се одржат редовните парламентарни избори може да опстои коалицијата на СДСМ и ДУИ со осумтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои го обезбедија двотретинското мнозинство за Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција“, велат извори од владејачкото мнозинство од Собранието за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Официјално засега нема став од СДСМ.

    Само министерката за правда Рената Десковска кажа дека ќе го застапува ставот дека со претседателските треба да се одржат и парламентарни избори.

    „Јас мислам дека треба да има заедно и претседателски и парламентарни избори. Но, тоа е прашање на политичка одлука и анализа во рамките на партиските органи. Јас ќе ја застапувам страната дека треба да се оди и на претседателски и на парламентарни избори заради тоа што одредени политики што реално ги промовиравме во изминатиов период и одредени прашања кои ќе треба да ги решаваме би било добро да бидеме со некои почисти позиции во Парламентот“, рече Десковска во интервју во емисијата „360 степени“ на телевизијата „Алсат-М“.

    Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера изјави дека до крајот на неделата ќе разговараат во СДСМ, но и во рамките на коалицијата за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Оваа недела очекувам сериозни разговори и во рамките на коалицијата, и во рамки на СДСМ околу прашањето дали заедно со претседателските ќе имаме и парламентарни избори“, рече Шекеринска на заедничката прес-конференција со словенечкиот министер за одбрана Карл Ерјавец.

    Лидерот на СДСМ Зоран Заев на 12 јануари јавно кажа дека не е за предвремени парламентарни избори, но бидејќи тоа е барање на лидер на опозицијата, СДСМ сериозно ќе го отвори прашањето и ќе ја извести јавноста веднаш штом донесе одлука.

    Од ДУИ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека се за предвремени избори ако го гледаат партискиот интерес, бидејќи ги исполниле клучните барања на Албанците, Законот за употреба на јазиците и извесното членство во НАТО, но не било во интерес на државата бидејќи ќе се закочеле процесите за најавеното добивање на датум за преговори со ЕУ во јуни и динамиката на ратификација на протоколите за членство на Македонија во НАТО.

    „Разговараме со СДСМ за сите прашања, заедно ќе донесеме одлука. Сега разговараме за наоѓање на консензуален претседателски кандидат, а за парламентарни избори има уште време за одлука“, велат извори од ДУИ за САКАМДАКАЖАМ.МК

    Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека претседателските избори ќе ги распише најдоцна до 8 февруари, но ако владејачката коалиција СДСМ-ДУИ одлучи да има и предвремени парламентарни избори, изборите треба да се распишат до 20 март, за да се одржат заедно со вториот круг од претседателските избори. Во таков случај се скратуваат роковите и за Влада според Договорот од Пржино.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира