Никој не се пријави и на третиот конкурс за директор на Народниот музеј во Велес. Од локалната власт велат дека немаше пријавени кандидати за оваа позиција, исто како и на претходните два конкурса. Ниту платата од 27 илјади денари, за три повеќе од просечната во земјава, не е предизвик за лице кое ги исполнува условите да се пријави. Повеќе од една година в. д. директорка е Анита Василкова-Мидоска. Причината за ваквата незаинтересираностм градоначалникот Аце Коцевски ја гледа во малиот број вработени.
„Во Музејот има само осуммина вработени, што е премалку за обемот на работа на оваа институција. Можеби затоа нема интерес, оти нема доволен број стручни луѓе кои ќе ги спроведуваат програмите. Повеќе од година дена барам дозвола да се вработат повеќе лица таму, но не ја добивам“, вели градоначалникот Коцевски.
Народниот музеј од Велес раководи со спомен куќите на Кочо Рацин, Васил Главинов, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Касапови, Спомен Костурницата на паднати борци од НОБ и петте спомен куќи од завршетокот на НОБ во Горно Врановци.
Поранешен директор на Музејот, поинаку гледа на работите, зошто нема интерес за директорката позиција во оваа велешка културна институција.
„Директорувањето носи административни обврски. Не може човек да се посвети на проекти, на истражувања, туку само на хартија“, вели соговорникот кој побара да остане анонимен.
Во Општина Велес се подготвуваат да го објават по четврти пат конкурсот за избор на директор на Народниот музеј, со надеж дека некој стручен, кој ги исполнува условите, ќе се јави.
П. ПЕЧКОВ