ЕКСМИНИСТЕРОТ МИХАИЛ ЦВЕТКОВ И ЗАМЕНИКОТ ДЕЛЕВ ВО ПРИТВОР, ЉУПЧО ДИМОВСКИ СЕ ПОВИКУВА НА ПРАТЕНИЧКИОТ ИМУНИТЕТ

    ЕКСМИНИСТЕРОТ МИХАИЛ ЦВЕТКОВ И ЗАМЕНИКОТ ДЕЛЕВ ВО ПРИТВОР, ЉУПЧО ДИМОВСКИ СЕ ПОВИКУВА НА ПРАТЕНИЧКИОТ ИМУНИТЕТСобраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања утре ќе одржи седница на која ќе расправа за барањето за одредување притвор на пратеникот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски од Основниот суд Скопје 1 - Скопје; - Димовски на судењето за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017. (Фото: СДК.МК)

    На предлог на Обвинителството за организиран криминал и корупција за определување мерка притвор за четворицата уапсени бивши функционери, судија на претходна постапка попладнево во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, им одреди притвор од по 30 дена на поранешниот министер за земјоделие Михаил Цветков и на заменикот министер Христијан Делев. На поранешниот министер Александар Спасеноски судијата поради здравствени причини му одредил куќен притвор од 30 дена, додека пратеникот и ексминистер за земјoделие Љупчо Димовски се повикал на пратеничкиот имунитет, соопшти Кривичниот суд. Тој ќе биде дополнително повикан да даде исказ во судот, откако ќе се создадат услови за тоа.

    Четворицата се дел од истрага почната од обвинителката Вилма Русковска уште во 2016, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувањата, со што државата ја оштетиле вкупно за милион и пол евра. Обвинителството за организиран криминал вели дека додека биле на функција, тие толерирале неплаќање закуп на доделено државно земјиште и дека на неплаќачите со години не им ги раскинувале договорите, со што се наталожил долг од милион и пол евра на штета на Буџетот.

    Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања утре ќе одржи седница на која ќе расправа за барањето за одредување притвор на пратеникот на Социјалистичката партија  Љупчо Димовски  од Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Според Деловникот, претседателот на Собранието барањето за одобрување притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, чиј што претседател е Павле Богоевски. Комисијата е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието. За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кого се однесува барањето.

    Врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно- имунитетни прашања, Собранието најдоца во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето.

    Димовски кој во декември лани доби амнестија за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 е пратеник, но судија на претходна постапка издал наредба и за негово приведување.

     

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира