Холандија како донатор и како поддржувач на Македонија и на СЈО сака нејзината поддршка да биде од корист и работата да биде завршена, односно да се воспостави одговорност. За ова да се постигне, СЈО треба да има доволно капацитет и независност како и целосна непречена соработка со другите државни институции, вели холандскиот амбасадор Ваутер Пломп.
Пломп за емисијата „360 Степени“ го изрази ставот на Холандија откако Врховниот суд на 30 јануари усвои мислење дека по истекот на 18 месеци од преземањето на прислушуваните разговори (а тоа е 30 јуни 2017), Специјалното обвинителство воопшто не смеело ниту да покренува нови истраги, ниту пак да презема од редовното обвинителство истраги.
„Потребни се одржливи реформи, како и континуирани резултати, особено во областа на судската независност и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Тоа вклучува и воспоставување одговорност за кривичните дела кои произлегуваат од прислушкуваните материјали од 2015 година. Сметаме дека тоа е клучниот чекор во ставање крај на неказнивоста и враќањето на довербата на граѓаните во државните институции и судството. Сегашната и идна работа на СЈО е токму во оваа насока“, вели амбасадорот Пломп.
„СЈО беше формирано како резултат на политички преговори во време кое беше навистина тешко за Македонија и кога довербата на граѓаните во правниот систем беше на многу ниско ниво. Иако се соочи со многу предизвици уште на самиот почеток од својата работа, успеа да постигне исклучителни резултати. Холандија ја поддржува работата на оваа институција затоа што веруваме дека владеењето на правото е од клучна важност за функционирањето на која било држава и на Европската унија во целост. Владеење на правото значи дека законите треба да важат подеднакво за сите, и дека кој и да ги прекрши законите треба да одговара за тоа, без оглед на неговата или нејзината претходна, сегашна или идна политичка припадност или функција“, вели Пломп.
Холандија, која е една од најголемите поддржувачи и донатори на Македонија изминативе 25 години, принципиелно постојано инсистира дека за да ги исполни условите за почнување претпристапни преговори со ЕУ земјата мора да има суштински напредок во спроведувањето на реформите.
На 29 мај 2018, откако во јавноста беше објавен нон-пејпер на дел од членките на ЕУ во кој е наведено дека Македонија не направила суштински напредок во спроведувањето на реформите и не ги исполнува условите за почеток на преговорите, амбасадорот Пломп рече дека „Холандија отсекогаш била и ќе продолжи да биде пријател и партнер на Македонија и да ја поддржува нејзината евроатланска интеграција врз основа на строг и правичен пристап“.
„Го забележуваме напредокот што македонските институции во текот на изминатата година го направија во спроведувањето на реформите, меѓу другото и во областа на владеење на правото. Во овој момент е важно да се види понатамошно одржување и продлабочување на овие реформи преку континуирано спроведување на новото законодавство“, рече тогаш Пломп.