Министерството за здравство неделава ќе почне со централна набавка на 40 нови цитостатици, рече министерот за здравство Венко Филипче на одбележување на Светскиот ден за борба против канцерогените заболувања.
„Оваа недела почнува постапката за набавка на цитостатици за сите клиники на кои се лекуваат пациентите со малигни заболувања, вклучувјќи ги и клиничките болници во Штип и во Битола. Со тоа, обезбедуваме 40 нови лекови и го олеснуваме пристапот на пациентите до оваа терапија, бидејќи често се соочуваа со недостаток оти се набавуваат со условни буџети. Овие лекови не се на позитивната листа на лекови“, рече Филипче.
Набавката на новата терапија тој ја најави непосредно пред крајот на минатата година, при што кажа дека ќе се набават иновативни лекови за рак на дојка, рак на бели дробови, метастазиран меланом, хематолошки болести, лимфоми, мултиплекс склероза, ревматоиден артритис, васкулитис.
Во Македонија лани регистрирани се 9.642 новозаболени од малигни заболувања, од кои 72 деца, а 3.122 лица на возраст од 60 до 70 години.
Министерот кажа дека почнале со изработка на регистарот на малигни заболувања.
„Со изработка на регистарот за малигни заболувања ќе добиеме многу податоци за дистрибуцијата на пациенти, но и за причините за појава на овие болести, можеби и за некои еколошки фактори, нешто што ќе не направи многу поспремни да се соочиме со овие предизвици во однос на раната дијагноза, но и во однос на третманот. Во однос на дијагнозата, ние почнуваме со постапката за купување осум нови мамографи кои ќе бидат распределени во различни здравствени установи низ земјата, со што значајно ќе се подобри скринингот, односно превентивната програма за рак на дојка“, рече Филипче.
Претседателката на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“ Биба Додева, на панел дискусијата на одбележувањето на 4 февруари – Светски ден за борба против рак, кажа дека бројот на пациенти со малигни заболувања расте и дека раното дијагностицирање е клучно за успешно лекување. Таа рече дека засега нема точна бројка на заболени, но дека по изготвување на регистарот на малигни заболувања ќе имаат прецизни податоци.
„По најавата од министерот дека ќе набават нови мамографи, се надеваме дека листите на чекање за овие дијагностички процедури ќе се намалат“, рече Додева.
Директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев рече дека лани била многу успешна за Клиниката, бидејќи била укината партиципацијата за малигни болни, но и поради набавката на лекови, која се надева ќе биде двегодишна и ќе нема пауза во примањето терапија, која годинава ја зголемиле за над 30 нови лекови.
Министерот смета дека минатата година била успешна од аспект на поддршка на пациентите со малигни заболувања, односно одговориле на барањата на здруженијата на пациентите за подобрување на квалитетот на живеење, со тоа што е обезбедена психолошка поддршка за пациентите и нивните семејства, како и куќа живеење за родители на деца болни од рак кои не се од Скопје.
„Тука пред сè мислам на пациентките со рак на дојка. За прв пат им се обезбеди градник и стегач, а во следниот период се надевам годинава ќе им се обезбедат и периките, кои им се потребни на овие пациентки. Годинава за прв пат се направи несродна трансплантација на пациенти со хематолошки малигни заболувања и на возрасни, но и на деца. Со тоа почна да се нуди услуга која дотогаш не беше можно да се добие во нашата земја и истите пациенти се праќаа во странство“, рече Филипче.
Тој кажа дека очекува до крајот на годината да се стават во функција и двата нови акцелератори, од кои едниот во клиничката болница во Битола, а вториот во Градската општа болница „8 Септември“.
Е. БОЧВАРОСКА