НЕ СЕ ЗНАЕ КАДЕ Е ГРОБОТ, ПА ПЛОЧА ГО ЧУВА СПОМЕНОТ ЗА ВНУКОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

    НЕ СЕ ЗНАЕ КАДЕ Е ГРОБОТ, ПА ПЛОЧА ГО ЧУВА СПОМЕНОТ ЗА ВНУКОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВВнукот на Гоце Делчeв Владимир Чопов (1890-1918) бил член на Македонската револуционерна организација, а загинал за време на најкрвавите битки при пробивањето на Македонскиот фронт под Кајмакчалан кај реката Црна во Првата светска војна; - Плочата во дворот на црквата „Света Петка“ во село Скочивир, поставена во 1970-те (Фото: СДК.МК)

    Старите гробишта обраснати во коров во дворот на црквата „Света Петка“ во пограничното битолско село Скочивир, која низ годините останала и без икони, го чуваат споменот за внукот на Гоце Делчeв Владимир Чопов (1890-1918). Тој бил член на Македонската револуционерна организација, а загинал за време на најкрвавите битки при пробивањето на Македонскиот фронт под Кајмакчалан кај реката Црна, во Првата светска војна. До денес не се знае ни каде му е гробот. Само спомен-плочата немо зборува дека и член од семејството Делчеви прострадал како и стотици други Македонци кои биле мобилизирани и се бореле во туѓи војски за време на Првата светска војна. Според историски податоци, Чопов бил мобилизиран и загинал како бугарски војник.

    Сестрата Лика Чопова на поставувањето на спомен-плочата на која пишува: „На ова место за време на Првата светска војна 1918 година е убиен 29-годишниот војник Владимир Андонов Чопов. Роден во Кукуш, Егејска Македонија, внук на Гоце Делчев. Плочата ја подига Велика Лика Чопова“.

    До скочивирските гробишта се искачивме во придружба на долгогодишни историчари од Битола. Вратата од скочивирските гробишта беше замандалена со железен синџир, а откако ја отворивме нѐ пречека црква со голема камбанарија. Низ прашливите прозорци забележавме дека храмот е празен, без икони и фрески. Повеќе наликуваше на магацин за дрва. Последните селани кои денес се бројат на рака, ни рекоа дека црквата кај што е плочата била изградена за време на Првата светска војна. Но, во последните години станала мета на кражби, па останала без икони.

    Околу нас се редеа стари воени гробишта. На некои годините им ги збришале натписите, па одвај препознавме дека е запишана 1918, годината на пробивот на Македонскиот фронт. На највисокото место издвоена од воените гробишта ја забележавме спомен плочата на Чопов. На неа пишува: „На ова место за време на Првата светска војна 1918 година е убиен 29-годишниот војник Владимир Андонов Чопов. Роден во Кукуш, Егејска Македонија, внук на Гоце Делчев. Плочата ја подига Велика Лика Чопова“.

    Старите воени гробишта во дворот на црквата „Света Петка“ (Фото: СДК.МК)

    „Плочата во Скочивир беше поставена по желба на сестрата на Владимир, Лика Чопова (1895 -1983), во 1970-те години“, вели битолскиот историчар Владо Темелковски. Тој присуствувал на чинот на поставување и видел како Лика излеала едно чудо солзи во тага по братот и ја проколнувала војната.

    „Лика Чопова се пресели во Македонија од Софија. Таа му беше внука на Гоце Делечв од сестрата Руша. Тука народот ја пречека со раширени раце. Во македонското Собрание покрена иницијатива нејзиниот брат ако нема гроб, да има спомен плоча. Собранието пушти писмо до битолскиот Музеј да се изработи плочата, во Прилеп беше направена. Ја донесовме заедно со историчарот Никола Миновски во Скочивир. Местото го одбравме да се разделува од воените гробишта“, вели Темелковски.

    Според него, Скочивир било избрано како најсоодветно место за плочата зашто се претпоставува дека Чопов загинал во овој предел за време на битката на Добро Поле и пробивот на фронтот. Историчарите не ја исклучуваат можноста мртвото тело на Чопов да завршило во некоја од заедничките гробници, зашто во тоа време имало многу загинати на фронтот па ги закопувале заедно.

    „Тој ден кога дојде Лика Чопова во Скочивир, се собра цело село. Одвај одеше, почна да зборува со постарите жени. Се распрашуваше за битките што тука се воделе. Зборуваше против војните, ‘пусти да останат’, велеше ‘сега да не се знае гробот каде му е’. Пролеа солзи кога ја поставувавме плочата“, кажува Темелковски.

    Црквата кај што е плочата била изградена за време на Првата светска војна, но во последните години станала мета на кражби, па останала без икони (Фото: СДК.МК)

    Инаку, сестрата на Владимир Лика доброволно ја напуштила Бугарија и дала писмена изјава дека сака остатокот од животот да го помине во слободниот дел на Македонија. Притоа запишала дека е Македонка, а не Бугарка. Писмото му го испратила и на бугарскиот комунистички лидер Тодор Живков.

    Според истражувањата на битолскиот историчар Александар Литовски, Чопов бил роден во Кукуш. Негови родители биле Андон Лопов и Руша Делчева, сестра на Гоце Делчев. Сосема млад стапил во македонската ослободителна борба.

    „Беше еден од учесниците во борбата со турските војски кај селото Русиново во декември 1906 година, кога загина еден од основоположниците на македонската револуционерна организација, Даме Груев. По Младотурската револуција живеел во Кукуш. Во 1910 година повторно станал комита“, вели Литовски.

    За време на Балканските и Првата светска војна бил мобилизиран од бугарската војска и се борел на Македонскиот фронт. Загинал за време на битката кај Добро Поле.

    Мајка му Руша била учесник во македонското револуционерно движење и деец на Македонската револуционерна организација. Била најстарата сестра на Гоце и прва жена револуционерка која зела учество во борбите за ослободување на Македонија. За време на Првата Балканска војна дејствувала како доборволец на Македонското-Одринско опочление надевејќи се дека на тој начин ќе придонесе за ослободување на Македонија. Во војната се приклучил и нејзиниот син Тодор Чопов, кој бил и театарски деец и писател. Но, наместо да се борат во Македонија биле испратени на Одринскиот фронт. Руша умрела во Бугарија 1945 година. Тодор Чопов, бил убиен за време на атентатите во 1923 година во Бугарија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира