Седум од повредените во вчерашната несреќа во која починаа14 лица, што се случи на автопатот Скопје-Тетово сѐ уште се во критична и тешка состојба, но се стабилни, соопшти Министерството за здравство.
„Четири од повредените пациенти во болницата „8-ми Септември“ и три од повредените пациенти во Ургентниот Центар во Скопје се сѐ уште во тешка, но се во стабилна здравствена состојба. Лекарите максимално се вложуваат да им ja дадат најдобрата здравствена нега и прават сѐ да ги спасиме животите на тешко повредените“, вели министерот за здравство Венко Филипче, кој утрово ги посети повредените во болницата во „8 Септември“.
Владата на вонредната седница што се оддржа ноќеска 14 и 15 февруари ги прогласи за денови на жалост.
„Причините за несреќата се неутврдени. Истрагата продолжува. Автобусот минал директно на спротивната страна од автопатот и поминува на регионалниот пат и паѓа на регионалниот пат и понатаму во делот на удолнината. Интервенциите беа брзи на сите институции, МВР, државните болници, но и приватните болници, кои веднаш беспоговорно одговорија на повикот“, изјави премиерот Зоран Заев.
За денес во Гостивар, од каде се повредените и загинатите, закажана е комеморативна седница.
Е. БОЧВАРОСКА