Чинарот во Охрид, за кој се вели дека пред 11 века го засадил Свети Климент Охридски, конечно ќе биде заштитен. Локалната власт на тендер ќе бара стручна фирма која ќе преземе активности за негови санација, ревитализација и статичко обезбедување. Ова дрво, кое е еден од белезите на Охрид, досега неколку пати беше оштетено од временските неприлики, но и понатаму опстојува.
„Чинарот кој се наоѓа на плоштадот Чинар е едно од препознатливите обележја на градот Охрид. Ова многувековно дрво опстојало во различни периоди и епохи од историјата на Охрид и Македонија, што само по себе го прави симбол на времето, односно сведок на настаните кои се случувале и одвивале долги години наназад. За староста на ова дрво постојат повеќе мислења. Според едно, чинарот е стар 11 века и го засадил Св. Климент Охридски уште за време на постоењето на првиот словенски универзитет. Според друго, тој постои шест века”, ни изјави Томе Џамтоски, портпаролот на локалната власт.
Последнава деценија, чинарот под тежината на снег и од удари на ветер неколку пати се расцепи. Санациите кои се вршеа беа палијативни, а ефектите краткотрајни.
Со проектот, кој е изготвен, предвидена е заштита на седум чинари, колку што ги има на подрачјето на Охрид.
Д. ЧУБРИЌ