ОВОШТАРИТЕ УТРЕ ОД 10 ДО 12 ЧАСОТ ЌЕ ГО БЛОКИРААТ МАГИСТРАЛНИОТ ПАТ БИТОЛА–РЕСЕН КАЈ МАКАЗИ 

    ОВОШТАРИТЕ УТРЕ ОД 10 ДО 12 ЧАСОТ ЌЕ ГО БЛОКИРААТ МАГИСТРАЛНИОТ ПАТ БИТОЛА–РЕСЕН КАЈ МАКАЗИ Овоштарите, кои вечеравечер се собраа на состанок во Ресен, велат ако не се најде решение за откуп на 50.000 тони, јаболката што останаа ќе ги фрлат (Фото: СДК.МК)

    Со блокада на магистралниот пат Битола-Ресен кај месноста Макази од 10 до 12 часот утре, овоштарите од Преспа ќе побараат итна средба со премиерот Зоран Заев за продолжување на владината интервентна мерка од 3 денари субвенција за килограм јаболка што не се откупени од минатогодишната реколта. Интервентната мерка траеше од октомври до 25 декември минатата година, а овоштарите бараат таа да се продолжи до 30 јуни.

    Лани имаше енормното производство на јаболка во Преспа од 120.000 тони. Поради невреме и тежина, испопаѓаа 70.000 тони, од кои дел овоштарите продадоа. Половина од индустриското и конзумното јаболко им остана по магацините. Сега индустриското јаболко се продава по 1, а конзумното од 3 до 6 денари за килограм, а и пласманот е слаб.

    Овоштарите, кои вечеравечер се собраа на состанок во Ресен, велат ако не се најде решение за откуп на 50.000 тони, јаболката што останаа ќе ги фрлат што ќе предизвика еколошка и економска катастрофа.

    „Лани имавме хиперпродукција на јаболко и сѐ уште во складиштата стојат јаболка кои се собрани, а не се продадени. Минатата година интерветната мерка не ̀остави на пола пат. Околу 40.000 тони беа продадени, а другото остана. Ние немавме доволно логистика и помош тоа да биде транспортирано до преработувачките капацитети кај нас и во соседството. Замислете, овоштар кој има во своите магацини стотина или двесте тони јаболко, тоа е храна, квалитет прва и втора класа, а следното утро оди во продавница и се пишува за леб“, рече Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на овоштари „Благој Коталровски“ од Ресен.

    Покрај ова, преспанските овоштари бараат исплата на штетите од градот за 2016 и за измрзнувањето на овошките во 2017.

    „Дел од штетите од мразот за 2017 година се исплатени, но не целосно и ние бараме од Владата тие штети да се исплатат во најкус можен рок, зашто сега започнува сезоната за активности во јаболковите насади. За штетите од 2017 година, 15 проценти од јаболкопроизводителите во Преспа немаат добиено обештетување. Наводно имало некои административни проблеми, па затоа не се исплатени. За 2016 година се префрлуваат на општинско ниво и преку оштината да дојде исплатата“, рече овоштарот Менде Ивановски.

    Моменталната цена за конзумното јаболко е ниска и овоштарите трпат загуби.

    „Имав 500 тони лани, продадов само 40 тона, другите ми се в магацин. Моменталната цена на конзумното јаболко почна да се движи од 3 до 6 денари за килограм. Таа е огромна загуба, ако за еден килограм јаболка во ваква година кога имаме голема продукција минималната цена за да се произведи е 8 денари, значи дека сме во загуба од 3 до 5 денари по килограм“, рече Албен Бекири, член на Иницијативниот одбор за спас на овоштарите од Преспа.

    Кај 90 проценти од јаболкопроизводителите дел од родот е непродаден, па велат дека без разлика на партии и националност сите се обединети и ќе излезат на протести.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира