СУЕТАТА НА МИЦКОСКИ МУ Е ПОГОЛЕМА ОД РАЗУМОТ, ВЕЛИ ИВИЦА КОНЕВСКИ КОЈ НЕ БЕШЕ ПОКАНЕТ НА КОНВЕНЦИЈАТА ВО СТРУГА

    СУЕТАТА НА МИЦКОСКИ МУ Е ПОГОЛЕМА ОД РАЗУМОТ, ВЕЛИ ИВИЦА КОНЕВСКИ КОЈ НЕ БЕШЕ ПОКАНЕТ НА КОНВЕНЦИЈАТА ВО СТРУГАИвица Коневски ексградоначалник на Општина Аеродром, вели дека токму тоа што на последната конвенција голем број долгогодишни членови на ВМРО-ДПМНЕ не добило покана, кажува дека претседателот на партијата Христијан Мицкоски нема намера да го обедини членството.(Фото: СДК.МК)

    Двојно помал беше бројот на делегати на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за претседателски кандидат, за разлика од сите досегашни. На конвенцијата која се одржа во Струга во саботата, 16 февруари беа поканети 551 делегат, а присуствуваа и гласаа 508. Ова е прв пат на партиските конвенции бројот на делегати да е толку мал. Години наназад бројката секогаш била над 1.000 делегати и гости.

    Ивица Коневски, ексградоначалник на Општина Аеродром, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека токму тоа што на последната конвенција голем број долгогодишни членови на ВМРО-ДПМНЕ не добиле покана, кажува дека претседателот на партијата Христијан Мицкоски нема намера да го обедини членството.

    „Не бев поканет на конвенцијата ниту како делегат, ниту како гостин. И не само јас, туку голем број долгогодишни членови од општинските комитети. Тоа јасно кажува дека суетата на Мицковски му е поголема од разумот. Никогаш до сега на конвенција не се случило бројот на делегати да биде помал од 1.000. Мицкоски нема намера да го обедини членството. За жал, многу квалитетни и искусни луѓе во моментов се тргнати на страна од партијата, а можат и сигурен сум дека сакаат да му помогнат на ВМРО – ДПМНЕ. Неколку пати до сега укажував дека Мицкоски мора да покаже конструктивност и да го обедини членството, затоа што тоа е неопходно за ВМРО – ДПМНЕ и за успех на претстојните претседателски избори“, вели Коневски.

    Коневски ќе ја поддржи кандидатурата на професорката Гордана Силјановска за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и вели дека ѝ посакува успех на изборите.

    „Доколку партијата загуби, Мицкоски како актуелен претседател, ќе мора да понесе одговорност и да поднесе оставка. Во контекст на ова, би сакал да го потсетам дека Никола Груевски поднесе оставка од позицијата претседател на партијата по поразот на локалните избори во 2017 година“, вели Коневски.

    Ивица Коневски пред два месеци ја критикуваше и одлуката на Мицкоски за исклучување на дел од членовите од партијата откако тие гласаа за уставните измени.

    „Многу беше погрешен пристапот на претседателот на партијата Христијан Мицкоски со исклучување на членови. Многу од членовите се дистанцираа од самиот претседател, а има и голем број кои воопшто не доаѓаат во партија само поради тие политики на поделби на предавници и патриоти. Тоа беше погрешен чекор и самата партија ја носи во погрешен правец“, рече за САКАМДАКАЖАМ.МК на 19 декември лани Коневски.

    На конвенцијата во Струга ВМРО-ДПМНЕ за претседателски кандидат ја избра професорката Гордана Силјановска, која освои 408 гласови на делегати, наспроти Влатко Ѓорчев кој доби доверба од 80 партијци.

    Претседателските избори ќе се одржат на 21 април, а вториот круг на 5 мај.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира