ТОА И НЕ БЕШЕ КОЈ ЗНАЕ КАКОВ БАКНЕЖ – ПОЧИНА МОРНАРОТ ОД ФОТОГРАФИЈАТА КОЈА СТАНА СИМБОЛ ЗА КРАЈОТ НА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА

    ТОА И НЕ БЕШЕ КОЈ ЗНАЕ КАКОВ БАКНЕЖ – ПОЧИНА МОРНАРОТ ОД ФОТОГРАФИЈАТА КОЈА СТАНА СИМБОЛ ЗА КРАЈОТ НА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНАДолги години не беа познати имињата на странците од фотографијата (Фото: АФП)

    Американскиот морнар фотографиран како бакнува непозната девојка на Тајмс сквер во Њујорк на прославата по повод крајот на Втората светска војна почина на 95 години.

    Бакнежот на Џорџ Мендонса и на тогаш 21-годишната Грета Зимер Фридман, направена на денот кога Јапонија прогласи капитулација, стана една од најпознатите фотографии на сите времиња. Таа е една од четирите фотографии на Алфред Ајзенштад што тогаш биле објавени во магазинот „Лајф“ и долги години не беше познато кои се странците кои се бакнуваат.

    Грета Фридман, која почина во 2016 година на 92 години, своевремено откри дека не била свесна за постоењето на фотографијата до 1960-ите.

    „Тоа и не беше некој бакнеж. Тој само прославуваше, не беше романтичен момент“, кажа таа.

    Ајзенштад подоцна опиша како го гледал морнарот како трча по улицата на 14 август 1945 година и грабнува секоја девојка што ќе му се најдеше во близина.

    „Трчав пред него со мојот фотоапарат ‘лејка‘, но ниту една од направените фотографии не ми се допаѓаше. И тогаш, во дел од секундата, видов нешто бело во неговите раце. Се свртев и го снимив токму моментот кога ја бакна медицинската сестра. Доколку беше облечена во црно, никогаш немаше да ја направам таа фотографија“, кажа Ајзенштад, кој почина во 1995 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира