Поранешниот министер Миле Јанакиески, кој како притвореник бил нападнат од затвореник во затворот „Шутка“, нема никакви телесни повреди, соопштија од Градската општа болница „8 Септември„ во Скопје.
„Денес, 21.02.2019 година, во Градската општа болница „8-ми Септември“ Скопје е примено лицето М.Ј кој анамнестички (по вербално кажување) се пожалил на болки по телото и главата. По извршениот соодветен клинички лекарски преглед не се констатирани никакви телесни повреди“, објави болницата.
Градската општа болница „8-ми Септември“ Скопје, апелира јавноста да ги следи официјалните информации на надлежните институции и да не се подлегнува на шпекулации.
Претходно некои медиуми повикувајќи се на објави на социјални мрежи објавија дека Јанакиески бил повреден откако наводно бил претепан.
Миле Јанакиески и Спире Ристовски, кои од синоќа се во притвор во Шутка, како осомничени за организција на нападот на Собранието на 27 април 2017, денеска биле физички нападнати во затворот. Од затворот велат дека инцидентите настанале по вербални провокации од притворените М. Ј. и С. Р. кон две лица обвинети во случајот “Диво Насеље”.
Е. БОЧВАРОСКА