АКО НЕ ДОАЃААТ НА РАСПИТ, ВЕЉАНОСКИ И ДИМОВСКИ ЌЕ БИДАТ ПРИВЕДЕНИ СО ПОЛИЦИЈА, СУДОТ НЕМА МОЖНОСТ ЗА НИВ ПАК ДА БАРА ПРИТВОР, ВЕЛИ СУДИЈАТА СЕДАТ РЕЏЕПАГИЌ

    АКО НЕ ДОАЃААТ НА РАСПИТ, ВЕЉАНОСКИ И ДИМОВСКИ ЌЕ БИДАТ ПРИВЕДЕНИ СО ПОЛИЦИЈА, СУДОТ НЕМА МОЖНОСТ ЗА НИВ ПАК ДА БАРА ПРИТВОР, ВЕЛИ СУДИЈАТА СЕДАТ РЕЏЕПАГИЌНема механизам судот повторно да бара од Собранието симнување на пратеничкиот имунитет на овие два пратеника. - Трајко Вељаноски; Љупчо Димовски (Фото: СДК.МК)

    Судијата на претходна постапка Седат Реџепагиќ доцна попладне вчера бил известен од претседателот на Собранието Талат Џафери дека не биле создадени услови за симнување на имунитетот на пратениците Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ, осомничен за организација на нападот на Собранието на 27 април лани, како и за Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, осомничен претходно за злоупотреби како министер за земјоделие, а за кои Обвинителството за организиран криминал бараше мерки притвор. Истрагите нема да се фрлат во вода, тие продолжуваат, вели Реџепагиќ, само што притвор за нив нема да има.

    „Основниот суд Скопје 1 е известен дека не биле создадени услови според Собранискиот деловник за симнување на имунитетот на двајцата осомничени пратеници. Истрагите за Вељаноски и за Димовски продолжуваат со нивно повикување за распит. Недоаѓање на распит по уредно примена судска покана повлекува наредба за нивно стражарно приведување. Јас ќе ѝ го доставам на обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска ова известување од Собранието, а кои ќе бидат нејзините чекори натаму, не знам. Таа е во моментов на службен пат, што значи не можам да знам за тоа што ме прашувате – дали ќе бара дополнителни мерки за безбедност, како барање за одземање на патни исправи и друго, тоа е работа на Обвинителството“, вели Реџепагиќ.

    Тој одговори и дека нема механизам судот повторно да бара од Собранието симнување на пратеничкиот имунитет на овие два пратеника, но остануваат на располагање други мерки за обезбедување на нивно присуство во постапката, за кои Обвинителството прави проценка дали ќе ги побара од судијата на претходна постапка.

    За одземање патна исправа и редовно јавување во судот, како и за други мерки за осомничените, не е потребно да се бара дозвола од Собранието кога се во прашање пратеници. При евентуално приведување со полиција, ако не сакаат да се јават на судските покани, пратениците во ваков случај не може да се повикуваат на пратеничкиот имунитет. Имунитетот е само за мерката ефективен (затворски) притвор и за куќен притвор.

    Во неделата, од необјаснети причини и по чести паузи што ги даваше претседателот на Собранието Талат Џафери, место дискусија за симнување на имунитетот на Вељаноски зовре ситуацијата во Парламентот. Својот и микрофоните на пратениците три минути пред истекот на рокот за гласање на полноќ Џафери ги исклучи, вербално се расправаше со пратениците од СДСМ кои бараа да почне гласањето и така остави да чукне полноќ. Ја затвори седницата и си замина.

    За Љупчо Димовски, пак, предлогот за симнувањето на имунитетот го стави на гласање, ја прекина седницата поради немање кворум, не ја продолжи и не кажа десетина дена каква е судбината на тоа гласање, иако беше очигледно дека и тој рок уште веднаш истече со непродолжување на седницата. Првпат Џафери за случајот Димовски се изјаснил вчера, во дописот до Основниот суд Скопје 1, со кој го известил дека и за Љупчо Димовски не биле создадени услови Собранието да гласа за симнување или задржување на неговиот пратенички имунитет.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира