Пратеникот Амди Бајрам, по процедуралната забелешка на Зијадин Села дека е ставен дури 17. по ред да постави пратеничко прашање на денешната седница, излезе и на говорницата и жестоко се побуни што тој е ставен 16. по редослед да ја праша Владата.
„Што е ова, ние не сме ли фактор? Што ако сум Ром? Има проблем што сум припадник на ромското малцинство. Јас имам прашање до МВР и до Јавниот обвинител. Две седници се мачам да го поставам и не можам да дојдам на ред. Тоа е за настаните во Шутка. Бидете хуманитарни. Откажете се од вашите прашања да го поставам моето прашање“, се налути Амди Бајрам, кој застана на говорницата со процедурален приговор.
Потоа, тој го потсети парламентарното мнозинство: „Па јас све ви поддржавам овде, ценете ме и вие еднаш мене. Ако сакате, па да си дадам оставка. Ова се големи игри што ги играте и јас ви ги знам игрите“, на висок тон им се обрати Бајрам на СДСМ и ДУИ, по што се врати на своето место.
Села повторно излезе на говорницата, и тој процедурално, и кажа дека пратениците од албанската опозиција треба со пратеничките прашања да се барем меѓу првите четири пратеника.
„Вака ја замолчувате опозицијата и ова е цензура. Ова се знаци на тоталитарни системи“, рече тој.
Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, кој денеска ја води седницата за пратенички прашања, му кажа: „Не ви ја прифаќам процедуралната забелешка, ова е политички маркетинг“ и му објасни дека редоследот се прави кај претседателот на Собранието на координација.
Претходно, пратеничката Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ го обвини министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека откако тој раководи со министерство граѓаните се несигурни кога шетаат по улица, дека бројот на кражбите е зголемен, а лица исчезнуваат секојдневно, по што тој излезе на говорница и прашањето го искористи за одговор на негова интерпелација, која уште не е дојдена на дневен ред во Собранието.
Тој рече дека граѓаните се чувствуваат безбедни од 2017 година, кога, како што кажа, од Владата замина бандата на ВМРО-ДПМНЕ. Тој изнесе статистики за откривање криминал, кои не беа под 40% во однос на откривањето криминалот во времето кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.
Затуроска, како и нејзините колеги од ВМРО-ДПМНЕ, ни на оваа седница не го прашаа Спасовски за бегството на Никола Груевски, Горан Грујевски и на Никола Бошкоски.
Собранието е на пауза до 15 часот.
С. К. ДЕЛЕВСКА