Град Скопје не може да ја урне дивата платформа на Матка оти нема ингеренции, а доколку имал до сега ќе била срушена, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.
Шилегов одговарајќи на новинарско прашање зошто се дозволува дивеење и никој не ги урива платформите на кањонот Матка, рече дека тоа е ингеренција на Општина Сарај и го повика градоначалникот Блерим Беџети да почне да си ги врши своите работи.
„За жал немаме ингеренции да ја срушиме, да имавме до сега ќе ја срушевме, да немаме дилема околу тоа прашање. Постапувајќи според законските можности, градскиот инспекторат излезе на лице место и констатиравме бесправна состојба. За тоа го известивме Инспекцискиот совет кој треба да преземе дополнителни мерки“, рече Шилегов одговајќи на новинарско прашање по потпишувањето на Мемерандум за обезбедување на паркинг места за бремени жени заедно со министрите за внатрешни работи и за транспорт и врски Оливер Спасовски и Горан Сугарески, со Авто-мото сојузот на Македонија.
Шилегов рече дека заради неактивноста на градежна инспекција на Општина Сарај во координација со Министерството за транспорт и врски, го известиле Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, кој треба да донесе одлука дали ќе се одземат ингеренциите на Општината во рамките на урбанизмот.
„Јас и сега апелирам до градоначалникот на Сарај Блерим Беџети да почнат да си ги работат работите за кои се избрани. Не смееме да дозволиме дивеење особено не во градежниот сектор, а особено не во природните богатства како што е Матка. Матка е уникатен светски пример“, кажа Шилегов.
Од Инспекцискиот совет и од Државниот инспекторат за градежништво уште не кажуваат што ќе преземат со дивеењето на Матка. Одговор нема од таму два дена.
А. АНТЕВСКА