ЕПИДЕМИЈА НА МАЛИ СИПАНИЦИ ПРОГЛАСЕНА И ВО КУМАНОВО, 15 БОЛНИ

    ЕПИДЕМИЈА НА МАЛИ СИПАНИЦИ ПРОГЛАСЕНА И ВО КУМАНОВО, 15 БОЛНИОние кои се вакцинирани се со поблага клиничка слика и без компликации, но поради високата заразност и циркулирање на вирусот, сепак има заболени и со примени две дози вакцина, вели д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог во Центарот за јавно здравје Куманово (Фото: СДК.МК)

    Центарот за јавно здравје во Куманово денеска прогласи епидемија на мали сипаници, бидејќи бројот на заболени достигна 15. Во последната недела се регистрарани 7 нови случаи, а претходно од почетокот на месецот имаше 8 заболени од мали сипаници. Меѓу новозаболените се едно 6,5-годишно дете, прваче во основно училиште кои престојувало во целодневен престој во градинка и двајца здравствени работници на детското одделение во Кумановската болница. Од вкупниот број на заболени 11 се од Општина Куманово, а четворица од селата во Општина Липково. Според старосната структура: 7 заболени се до 1-годишна возраст, 1 заболено е на 6, 5-годишна возраст, тројца се на возраст од 20 до 29 години и четворица од 30 до 39 години.

    Претходно, епидемија беше прогласена во Тетово и Скопје.

    „Од страна на епидемиолошката служба на Центар за јавно здравје Куманово, континуирано ја следиме епидемиолошката состојба со мали сипаници и се преземаат мерки и активности на терен. Направени се епидемиолошки увиди во сите градинката, како и во училиштето каде детето ја посетува наставата. Дадена е информација за какво заболување се работи, направена е дезинфекција и проверка на вакциналниот статус. Невакцинираните деца се повикани да се вакцинираат, а во план е вакцинација и на сите здравствени работници на детското и инфективно одделение, кои не се вакцинирани. Од новозаболените, само една мајка не е вакцинирана, шесмесечното бебе не подлежи на вакцинација, а сите останати се комплетно вакцинирани. Оние кои се вакцинирани се со поблага клиничка слика и без компликации, но поради високата контагиозност односно заразност и циркулирање на вирусот, сепак имаме заболени и со две примени дози на вакцина“, изјави д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог во Центарот за јавно здравје Куманово.

    Во сите градински дадена е препорака децата кои не се вакцинирани да не се примаат во установата, додека во училиштата се проверува вакциналниот статус и се врши теренска имунизација. Во Општата болница Куманово, се воведени посебни мерки, а тоа е забрана за посета, тријажа на пациентите и зголемена дезинфекција.

    Лекарите очекуваат дека во наредниот месец ќе има зголеммена појава на новозаболени, но се надеваат дека ако се следат нивните препораки и се почитуваат мерките на превенција за ширење на заразата, бројот на новозаболените ќе биде помал.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира