Премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица вечерва се дел од традиционалниот оперски бал во Виена. Заеви се на балот како гости на австрискиот канцелар Себастијан Курц. Премиерот Заев е единствениот коj Курц годинава го поканил како негов гостин на престижниот бал. Лани гостинка на Курц беше сомалиската авторка, активистка за човекови права и поранешен модел Варис Дирие. Заеви, заедно со Курц и неговата партнерка, балот во Државната опера го следеа во една од ложите.
Оперскиот бал во Виена се одржува речиси 200 години, а во Државната опера обновен е во 1956 година каде што се одржува еднаш годишно. Настанот отвора со целовечерен гала концерт со оркестар и балет, а потоа со танц 150 млади двојки дебитираат во општествениот живот и така почнува балот. Балот е комерцијален настан и билетите се од 315 евра во партерот до околу 2.000 евра во ложите.
Попладнево Заев и Курц имаа и билатерална средба. Како што соопштија од Владата, Заев му се заблагодарил на канцеларот Курц, но и на Владата на Република Австрија за сè што направиле за Република Северна Македонија, но и за целиот регион на Западен Балкан. Курц на Заев уште еднаш му честитал за решавање на спорот со Грција и му рекол дека Австрија ќе ја даде потребната поддршка Република Северна Македонија годинава да ги започне преговорите со Европската Унија.
А. АНТЕВСКА