10 ГОДИНИ ЧЕКАМЕ ДА НИ СЕ ИСПЛАТАТ 24 ПЛАТИ, А ВЕЌЕ ПОЛА КОЛЕГИ УМРЕА ПОРАДИ ОТРОВИТЕ КОИ ГИ ДИШЕВМЕ, ВЕЛАТ ВРАБОТЕНИТЕ ОД „ОХИС“

Поранешните вработени во „Охис“ велат дека со години талкаат од една врата на друга, но никој до денеска не им одговара на нивните барања и за помош се обратија до Народниот правобранител

10 ГОДИНИ ЧЕКАМЕ ДА НИ СЕ ИСПЛАТАТ 24 ПЛАТИ, А ВЕЌЕ ПОЛА КОЛЕГИ УМРЕА ПОРАДИ ОТРОВИТЕ КОИ ГИ ДИШЕВМЕ, ВЕЛАТ ВРАБОТЕНИТЕ ОД „ОХИС“Голготата со случајот „Охис“ за вработените трае десет години. Поранешни вработени имаат побарувања за неисплатени плати од околу 5,5 милиони евра. Велат дека со години талкаат од една врата на друга, но никој до денеска не им одговара на нивните барања.(Фото: Ѓ. Личовски)

Над 300 поранешни вработени во АД „Охис“ од Скопје побарале помош од Народниот правобранител за решавање на нивниот 10-годишен проблем со неисплатени 24 плати и неправилности во спроведувањето на стечајната постапка. Голготата со случајот „Охис“ за вработените трае десет години. Поранешни вработени имаат побарувања за неисплатени плати од околу 5,5 милиони евра.

Врз основа на документација за спроведување на стечајната постапка, Народниот правобранител смета дека на доверителите им е направена штета со намирувањето на трошоците за чистење, неутрализирање, уништување и дислокација на хемиските материи од кругот на фабриката, од причина што со донесената Одлука на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за кризи е одлучено дислокацијата и неутрализирањето на опасниот хемиски материјал отпад да биде на сметка на АД „Охис“ во стечај, односно на штета на доверителите со утврдени побарувања.

„Врз основа на горенаведената одлука, Основниот суд Скопје 2 Скопје донел Решение со кое се дозволува отпадот да биде исчистен на сметка на АД ‘Охис‘ во стечај и при тоа за оваа намена од сметката биле одвоени 128.620.000 денари, кои доколку со одлука на Комитетот не би биле одвоени за оваа намена, Народниот правобранител смета дека овие средства би биле доволни за намирување на голем број доверители со утврдени побарувања, односно за побарувањата кои ги имаат поранешните вработени по основ за заостанати плати и придонеси“, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител.

Врз основа на документација за спроведување на стечајната постапка, Народниот правобранител смета дека на доверителите им е направена штета со тоа што дел од парите од продажбата на имотот се наменети за трошоците за чистење, неутрализирање, уништување и дислокација на хемиските материи од кругот на фабриката. (Фото: Ѓ. Личовски)

Неправилности Народниот правобранител утврдил при работењето на адвокат кој ги застапувал интересите на поранешните вработени во АД „Охис“, кој бил ополномоштен и платен од поранешните вработени да ги пријавува нивните побарувања. Но, адвокатот не сторил ништо за тоа, при што оштетил голем број доверители да ги пријават и наплатат своите побарувања.

„Заради заштита на уставните и законските права на подносителите на претставки во овој случај, по оваа констатција, Народниот правобранител поднесе Барање до надлежен јавен обвинител за покренување на постапка заради утврдување на казнена одговорност против адвокатот со цел заштита на правата на поранешните вработени од АД ‘Охис’ кои го ополномоштиле за да ги застапува нивните интереси. Со ова барање до надлежен јавен обвинител за покренување на постапка заради утврдување на казнена одговорност беа опфатени 50 поранешни вработени во АД ‘Охис’ и друштвата со ограничена одговорност основани од АД ‘Охис’“, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител Иџет Мемети.

Поранешните вработени во „Охис“ велат дека со години талкаат од една врата на друга, но никој до денеска не им одговара на нивните барања.

„Со години работевме со хемиски отрови, половина од колегите поради ваквата работа или умреа од рак или се инвалиди. Јас 42 години работев во ‘Охис‘ и ми должат 24 плати, досега ништо не ми е исплатено. Должам на ЕВН за струја, на ‘Водовод и канализација‘ за вода, како да платам. Од овие 24 плати, осум треба да ни ги исплати државата, оти тие се долг од 2008 година кога Владата беше сопственик на околу 85 отсто од акциите, и за нив имаме судски извршни решенија. Кога имаат пари да им дадат на лозарите, на општините да им ги подмират долговите, да ги вратат парите во вториот столб и ред други проекти, зошто нас не нè исплаќаат?“, вели Драгослав Цветковски, еден од поранешните вработени во АД „Охис“ кој со години ја води битката за исплата на нивните побарувања..

Вработени велат дека нема да бидат ни целосно исплатени со парите од продажбата на  „Охис“ од 7,1 милион евра.

„Обештетувањето на вработените од АД ‘Охис‘ е околу 1,6 отсто, односно различен е за сите делови на фабриката. Уште од тие 7,1 милион евра се планира 2 милиони евра да се дадат за чистење на неупотребливите суровини во кругот на фабриката, што е несфатливо, зошто од овие пари да се чисти фабриката кога треба со нив нас да нè исплатат? Со овие пари  ќе се исплаќаат и останатите доверители, банки, јавни претпријатија, фирми кон кои има долг. Што значи, ние повторно ќе останеме неисплатени“, вели Розета Атанасова која 36 години работела во АД „Охис“.

„Од овие 24 плати, осум треба да ни ги исплати државата оти тие се долг од 2008 година кога Владата беше сопственик на околу 85 отсто од акциите и за нив имаме судски извршни решенија“, вели Драгослав Цветковски, кој 42 години работел во АД „Охис“ (Фото: Ѓ. Личовски)

Имајќи в предвид дека поранешните вработени имаа потешкотии во комуникацијата со стечајните управници, односно не ги добиваа бараните информации за текот на стечајната постапка, Народниот правобранител за секоја поднесена претставка од поранешните вработени се обрати до стечајните управници со барање за објаснување, информации и докази за наводите во претставката и побара за секој од нив да биде доставен посебен одговор дали нивното побарување е навремено пријавено, дали е во листата на утврдени побарувања и дали при авансните распределби им се префрлени средства. Тој добиените информации ги достави до доверителите-поранешни вработени.

„Исто така, подносителите на претставки наведуваа дека во листите со утврдени побарувања фигурираат лица кои не би требало да се таму и истите побарувале високи суми. Народниот правобранител се обрати до стечајните управници и истите доставија докази врз основа на што тие лица побаруваат од АД ‘Охис’ и друштавата основани од АД ‘Охис’ и тие докази им беа предочени на подносителите на претставки и даден правен совет од Народниот правобранител за понатамошно постапување доколку сметаат дека има злоупотреби при внесувањето на тие лица во листата на утврдени побарувања. Еден од стечајните управници на едно од друштвата со ограничена одговорност основано од АД ‘Охис’, имал сознанија дека 8 лица ги наплатиле своите побарувања и повторно поднеле пријава на побарување. Народниот правобранител во комуникација со поранешните вработени и прибирање на документација во врска со тие побарувања увиде дека истите не се наплатени и прибраните докази и наводи ги достави до стечајниот управник, по што за 7 лица се утврди дека ги немаат наплатено своите побарувања и истите ќе бидат намирени во стечајната постапка“, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител.

Од Основното јавно обвинителство до каде Народниот правобранител поднел  пријава на 7 февруари, велат дека сите пријави кои стигнуваат кај нив се распределуваат кај обвинител и се поведува предистражна постапка за наводите пред да се поднесе обвинение. Оттука, во оваа фаза не можат да дадат дополнителни информации.

Од Владата велат дека се запознаени со барањата на стечајците од „Охис“ и за разлика од претходната Влада тие во неколку наврати биле примени на средба со премиерот Зоран Заев и дел од министрите.

„Со продажбата на имотот со околу 220 милиони денари или 3,5 милиони евра ќе бидат исплатени пропорционално сите доверители. Не постои начин, според Законот за стечајна постапка, во целост да бидат исплатени. Мора да се надмират и побарувањата од другите доверители, банки, претпријатија, фирми. Има и друг имот кој можно е да се продаде, па и од таму ќе се исплатат дел од побарувањата. Знаеме дека бараат и Владата да се вклучи со средства од буџетот да им се исплатат платите, но за такво нешто нема владина одлука“, вели Зоран Шапуриќ, министер без ресор задолжен за подобрување на инвестициската клима за домашни претпријатија.

А. АНТЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира