Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска денеска до МВР издала наредба да се распишат централни и меѓународни потерници за две лица, за Никола Груевски и за Никола Бошкоски, кои се осомничени за нарачка и организација на нападот на Собранието на 27 април 2017 година, кој заврши сo потешко и полесно повредени пратеници, полицајци и новинари.
Истовремено, Министерството за правда ќе ги дополни барањата за екстрадиција за двајцата избегани.
„За лицата за кои се донесени наредбите постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, предвидено и казниво по член 313 од Кривичниот законик. Имено, по спроведената предистрага, на 20 февруари годинава, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за петмина, меѓу кои и за овие две лица кои се недостапни на органите на прогонот“, соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Тогаш, јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до Судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 достави Предлог за определување мерка притвор за сите осомничени, при што на овие две лица веќе им е определена мерка притвор во траење од 30 дена од нивното пронаоѓање.
Од осомничените, само Спире Ристовски и Владимир Атанасовски се во притвор во Шутка. Миле Јанакиески замина во куќен притвор, Трајко Вељаноски се спаси од притвор, а Груевски и Бошкоски од УБК се во бегство во Унгарија и во Грција.
С. К. ДЕЛЕВСКА