АУТИЗМОТ НЕ Е ПОВРЗАН СО ВАКЦИНИТЕ ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ, ПОКАЖУВА ДАНСКО ИСТРАЖУВАЊЕ ПРАВЕНО КАЈ НАД 650.000 ДЕЦА

    АУТИЗМОТ НЕ Е ПОВРЗАН СО ВАКЦИНИТЕ ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ, ПОКАЖУВА ДАНСКО ИСТРАЖУВАЊЕ ПРАВЕНО КАЈ НАД 650.000 ДЕЦАБидејќи антиваксерите стануваат се` погласни, а стравот од вакцината го шират дури и славни личности и политичари, Хвид и неговите соработници сакале да добијат научно базирани одговори. - Андерс Хвид, главниот автор на студијата и истражувач на Статенс Серум институтот во Данска

    Вакцините за мали сипаници, рубеола и заушки (МРП) не го зголемува ризикот од појава на аутизам, не се тригер за аутизмот кај децата и не се поврзани со појава на аутизмот по вакцинирањето, го објави лондонскиот весник „Гардијан“ заклучокот од студијата на истражувачи од Данска, објавена во медицинскиот магазин за интерна медицина на американскиот колеџ за лекари.

    Истражувањето е направено кај над 650.000 деца од Данска кои се следени над 10 години. Истражувана е врската меѓу МРП вакцината, времето на појава на аутизмот, примањето на останатите вакцини во текот на детството, појава на аутизам кај други членови на семејството и други ризик фактори за појава на аутизмот.

    Истражувањето е спроведено кај деца родени меѓу 1999 година и 2010 година, односно кај 657.461 дете кои се следени се до август 2013 година. Притоа, кај 6.517 деца бил дијагностициран аутизам, а од децата што биле следени над 95 отсто ја примиле вакцината.

    МРП вакцината не го зголемила ризикот од аутизам кај децата без ризични фактори, ниту пак, предизвикало аутизам кај децата со ризични фактори, открива студијата.

    „Идејата дека вакцината предизвикува аутизам се` уште е присутна и добива многу простор на социјалните мрежи“, изјавил Андерс Хвид, главниот автор на студијата и истражувач на Статенс Серум институтот во Данска.

    Бидејќи антиваксерите стануваат се` погласни, а стравот од вакцината го шират дури и славни личности и политичари, Хвид и неговите соработници сакале да добијат научно базирани одговори. Најголемиот придонес во студијата е тоа што биле вклучени деца со ризик од аутизам, вели д-р Пол Офтит, директор на Центарот за едукација за вакцините при детската болница во Филаделфија. Тој сега се надева дека овој доказ ќе ги увери родителите со мали деца во ризик од пореметувања од аутистичен спектар, дека вакцината не го зголемува ризикот.

    Проф. д-р Александра Грозданова, од Комитетот за имунизација при Министерството за здравство, вели дека ова е најнова и најголема студија, која досега е направена и која ги побива сите теории дека вакцините предизвикуваат аутизам.

    Митот за поврзаноста на вакцината со аутизмот доаѓа од студијата на Ендру Вејкфилд, објавена во 1998 година во медицинското списание „Лансет“. Вејкфилд беше финансиран од адвокатска фирма која сакаше да ги тужи производителите на вакцини МРП. Во 2010 година тој ја изгуби медицинската лиценца.

    Една година подоцна, „Лансет“ ја повлече студијата, бидејќи истрагата покажа дека Вејкфилд ги изменил или погрешил податоците од дванаесет деца кои биле основа за завршување на неговата студија. Бројни подоцнежни студии, не најдоа врска помеѓу вакцината и аутизмот.

    Британски „Гардијан“ пишува дека данските истражувачи исто така учествувале во една од најважните студии направени во 2002 година со која се побива теоријата за поврзаноста на вакцините со аутизмот.  Андерс Хвид, главниот автор на студијата и истражувач на Статенс Серум институтот од Копенхаген во Данска, како што пишува „Гардијан“, вели дека резултатите од ова истражување, иако биле објавени пред 16 години, идејата дека вакцините предивикуваат аутизам сѐ уште се присутни на социјалните мрежи.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира