Наскоро државата ќе биде надлежна за плажите во Охрид и во Струга, најави денес во Охрид министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и додаде дека за една недела во Собрание влегува законот за градежно земјиште Оваа најава на министерот доаѓа по скандалозното бетонирање на струшкото крајбрежје и палењето на трските на овој дел од Охридското езеро.
„Поради сите проблеми кои очигледно локалните власти не можат да ги решат, државата смета дека на подобар начин тоа може да го направи. Пратенички прашања беа поставени во четвртокот, во делот во надлежност на животната средина и дел во рамки на министерство за транспорт и врски. Државниот градежен инспектор во неколку наврати има извршено контрола во делот на министерството за транспорт и врски, каде се извршени вонредни надзори и се донесени одредени решенија. Трската и депониите се во надлежност на министерството за животна средина. Дел од мерките кои ги презема Владата е предлагање закон за одземање на надлежности во делот на крајбрежјето и плажите. Со тоа централната власт ќе управува со плажите“, рече Сугарески.
Д. ЧУБРИЌ