Фан зоната во Париз синоќа беше евакуирана, откако неколку пукања и чад предизвикаа паника помеѓу илјадниците фудбалски навивачи кои под Ајфеловата кула го следеа натпреварот Германија-Италија на Европското првенство во Франција.
Веќе се играа продолженија во Бордо, кога, околу 23.20 часот, се појави чад по неколку пукања, веројатно од петарди, и испаничената толпа, плашејќи се од нов напад на Исламска држава, почна да бега од фан зоната во центарот на Париз.
„Ле Паризјен” јави за неколку посериозни повреди во стампедото, но повеќето од повредените поминаа со помали набиеници и исчашувања. Според „Лекип”, луѓето ги срушиле безбедносните бариери и огради околу фан зоната при бегањето.
Али Гурлеј (26) од Лондон за „Дејли Мејл” изјави: „Тоа беше општа паника. Беше секој за себеси, немаше правец за бегање, никој не знаеше што се случува. Мислам дека видов петарда”.
Во Франција се уште е во сила вонредната состојба, воведена во ноември по терористичките напади во Париз во кои загинаа 130 луѓе.