На Клиниката за инфективни болести во Скопје еден заболен од мали сипаници е во потешка состојба, а таму вкупно се лекуваат 37 пациенти, од кои 19 се возрасни, а 18 се деца. Од Министерството за здравство велат дека според последните податоци на Инфективна клиника, вчера биле прегледани тројца возрасни пациенти со симптоми на мали сипаници, од кои двајца се пуштени на домашно лекување, а во болница е задржана 29-годишна пациентка од Скопје без податок за вакцинален сатус.
„Според податоците од Институт за јавно здравје, во периодот од 2 март до 8 март пријавени се вкупно 83 сомнителни случаи на мали сипаници, а од почетокот на епидемијата во Скопје, вкупно се регистрирани 493 заразени со мали сипаници. Од почетокот на епидемијата, вкупниот број вакцинирани лица во Скопје е речиси 10 илјади деца, а вкупен број вакцинирани на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во државата е 15.151 лице. Високиот одзив на вакцинацијата ќе придонесе за кревање на колективниот имунитет“, велат од Министерство за здравство.
Минатата недела, во Институтот за јавно здравје се пријавени се 2.678 случаи со симптоми на грип, што е за 16,5% намалување во споредба со една недела пред тоа. Вкупниот број заболени од грип оваа сезона изнесува вкупно 15.201 лица.
Е. БОЧВАРОСКА