Седумдесетгодишна жена од скопското село Побожје вчера паднала во бунар длабок 15 метри и откако минала еден час во водата била спасена од пожарникари, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Околу 12 часот, во Пожарната бригада стигнал повик дека жена паднала во бунар. Две возила на Пожарната и седум пожарникари веднаш тргнале кон Побожје. Меѓу пожарникарите бил и Владимир Кочовски, кој влегол во бунарот да ја спасува жената.
„Кога тргнавме со колегите немавме информација дали е жива, дали е повредена и во каква состојба се наоѓа. Дури кога стигнавме во дворот на куќата дознавме дека е жива. Бунарот беше длабок околу 15 метри. Жената само извикуваше ‘помогнете ми‘. Се држеше за црево кое беше пуштено во бунарот. Сигурно била внатре околу еден час“, раскажува за САКАМДАКАЖАМ.МК пожарникарот Кочовски.
Тој веднаш со јаже се спуштил во бунарот. Жената била премрзната, рацете и устата и биле модри, но немала никаква повреда. Ја врзал со јажето, ја земал в раце и им дал знак на колегите пожарникари да ги извлечат.
„Десетина минути да задоцневме мислам дека ќе беше прекасно, немаше да издржи жената. Додека бев долу мене рацете ми премрзнаа, а жената била во вода сигурно еден час. Ја извлековме и веднаш и беше дадена прва помош. Се тресеше и беше во бесознание.“, вели Кочовски кој 30 години е дел од Пожарната бригада на Град Скопје.
По успешната интервенција на Пожарната и пожарникарите на чело со Владимир, жената била хоспитализирана.
Тој вели дека ова не му е прв случај да вади луѓе паднати во бунар, но втор пат спасуваат човечки живот. Во повеќето случаи луѓето се веќе мртви додека стигнат на местото.
„Луѓето мислат дека пожарникарите гаснат само огнови, но не е така. Ние сме единствена служба во државава што интервенира при сообраќајни и други несреќи, интервенираме кога ќе се расипе лифт или кога некој ќе се заглави во својот дом“, додава Кочовски.
Тој беше и еден од пожарникарите кои помогнаа при спасување на патниците од превртениот автобус кај Ласкарци во несреќата на 13 февруари. Владимир заедно со неговиот колега Мартин се единствените кои влегоа во автобусот и еден по еден ги спасуваа патниците.
„Од прв до последен ги извадивме луѓето во автобусот. Беше ужасно тешко за работа, но благодарение на нашата присебност успеавме да спасиме многу луѓе“, додава Кочовски.
А. АНТЕВСКА