Преку проектот „Училишта на 21 век“ Велика Британија ќе инвестира 10 милиони фунти во основните училишта во Западен Балкан. Со проектот сите основни училишта односно ученици на возраст од 10-15 години ќе добијат „Микро:бит“ уреди за кодирање, коишто ќе им помогнат да стекнат нови дигитални вештини на забавен и интерактивен начин.
„Со оваа тригодишна програма ќе им се зголемат капацитетите на сите основни училишта во земјите од Западен Балкан и ќе им се овозможи на сите ученици на возраст од 10-15 години да ги развиваат вештините за критичко размислување, решавање проблеми и кодирање. Ќе бидат опфатени 200.000 деца, а ќе се обучуваат директорките и наставниците“, рече Елеонора Запрова, директор на Британски совет.
Изминатите месеци дел од учениците беа дел од пилот-проектот и се запознаа со начинот на којшто работи уредот „Микро:бит“ преку претставените училишни проекти.
Британскиот државен министер за Европа, сер Алан Данкан во видео-обраќање кажа дека оваа програма се започнува на 30-годишнината од основањето на глобалната интернет мрежа.
„Го правиме ова, бидејќи сакаме да помогнеме регионот да стане просперитетен и стабилен, Развојот на вештини во 21 век ќе помогнат да се создадат следна генерација технолошки претприемачи и ќе помогне да се создадат повеќе работни места“, рече Данкан.
Уредот Микро:бит на Би-би-си е рачен и програмабилен микро-уред за кодирање којшто може да се употреби за создавање разни супер креации – од роботи до музички инструменти – можностите кои ги нуди се неограничени.
А. АНТЕВСКА