Автобус со 50 ученици на средно училиште и нивниот наставник бил киднапиран од возачот во близина на Милано, јави италијанската агенција АНСА. Децата, од кои неколкумина биле врзани, биле спасени преку скршени прозорци во задниот дел од автобусот. Никој не е тешко повреден. Четиринаесет деца страдале од вдишување на чад, а дванаесет се задржани во болница.
Возачот кој ги киднапирал е уапсен. Според првичните информации тој е 47-годишен италијански државјанин, со потекло од Сенегал. Живеел во Италија од 2004 година и 15 години работел за истата автобуска компанија.
“Никој нема да преживее”, наводно викал возачот, според сведочењето на учениците. Тој додека возел до него држел две деца и се заканувал дека ќе ги запали.
“Тоа беше чудо, тоа можеше да биде масакр”, изјави главниот обвинител на Милано, Франческо Греко.
Наставникот кој бил заедно со учениците во автобусот изјави дека осомничениот бил лут поради миграциската политика на Италија. Наводно три ќерки му се удавиле во Средоземното море обидувајќи се да избегаат во ЕУ. Викал: „Сопрете ги убиствата во морето. Ќе направам масакр“.
Децата биле киднапирани околу 40 минути кога возачот скршнал на локален пат кон аеродромот Линате. Според наставникот кој бил киднапиран, возачот сакал да застане на пистата на аеродромот Линате и таму да ги запали. Кога го сопреле автобусот и извадил нож, некои од децата им телефонирале на родителите, кои веднаш ја предупредиле полицијата. Во полициската потера за да се пресретне киднаперот, автобусот удрил во полициски автомобили и така запрел.
Според локални извори,возачот го испрскал автобусот со бензин и го запалил, но полицијата ги скршила задните стакла и од таму патниците избегале.
Обвинителите од Милано рекоа дека ги испитуваат сите можни мотиви за киднапирањето, вклучително и тероризам .
Италијанскиот десничарски министер за внатрешни работи, Матео Салвини, реагираше со бес, тврдејќи дека киднаперот имал криминално досие.