ПОЧИНАТИ ЛУЃЕ БИЛЕ ВО СПИСОЦИТЕ НА ТИМОВИТЕ ЗА СПАСУВАЊЕ ПРИ КАТАСТРОФИ, ВЕЛАТ ОД ДИРЕКЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ

    ПОЧИНАТИ ЛУЃЕ БИЛЕ ВО СПИСОЦИТЕ НА ТИМОВИТЕ ЗА СПАСУВАЊЕ ПРИ КАТАСТРОФИ, ВЕЛАТ ОД ДИРЕКЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕВо листата од 600 лица на Дирекцијата за интервенции при поголеми катастрофи, голем број биле и над 60 и 70 години, а според Законот за заштита спасување овие лице треба да се на возраст до 55 години. - Вежба за евакуација на Дирекцијата за заштита и спасување во ТЦ „Сити мол“ во Скопје. (Фото: ДЗС)

    Починати лица имало во списоците на тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување, кои би требало да спасуваат и да ги заштитуваат граѓаните при евентуални несреќи и катастрофи. Во листата од 600 лица на Дирекцијата за интервенции при поголеми катастрофи, голем број биле и над 60 и 70 години, а според Законот за заштита и спасување овие лице треба да се на возраст до 55 години.

    „Ние практично со години сме немавме тимови, сме ги имале само на хартија. Кога ја преземав директорската функција побарав да видам кои се тимовите кои при евентуална несреќа или природна катастрофа би спасувале. Добив само лист хартија со имиња и презимиња. Меѓу тие имиња голем дел беа починати лица или над 60 години. Тоа е страшно. Веднаш ги ревидиравме тие списоци и направени се нови тимови од луѓе кои се способни, психички и физички подготвени за да делуваат при несреќа“, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски.

    Џафероски вели дека Дирекцијата со години била запоставувана и ништо не се работело. Опремата која ја користеле тимовите за заштита и спасување била стара 50 години.

    „Не сакам да звучам очајно, ама дирекцијата ја затекнав во една страшна состојба, под секое ниво. Материјално-техничките средства кои ги затекнав во 35-те подрачни магацини беа неупотребливи. Имаше средства за заштита и спасување од пожари или поплави од 70-те години, останати од поранешниот систем. Ресурси со изминати рокови. Направивме попис да видиме што е употребливо, а што треба да отпишеме односно да го однесеме на отпад“, вели Џафероски.

    Дирекцијата за заштита на спасување, вели Џафероски, сè уште не може да се пофали дека е соодветно опремена, фалат униформи, опрема, но и обука на силите кои интервенираат. Лани биле набавени чамци и скутери и соодветна опрема за нуркачкиот тим кој делува при несреќи во вода, извлекување давеници и подводно деминирање.

    „Не смееме да чекаме да се случи некоја несреќа па да реагираме, мора 12 месеци да бидеме подготвени. Лани почнавме со кампања за заштита од поплави, а оваа година за заштита од пожари со цел да ја подигнеме свеста на граѓаните. Ова што ни се случува годинава со пожарите кои се предизвикани од човечки фактор е алармантно и затоа наши тимови ќе одат низ градовите, ќе делат флаери, а ќе држиме обуки во училиштата за секој од нас да биде поодговорен“, вели Џафероски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира