Народниот правобранител ќе отвори бесплатна телефонска линија, на која граѓаните ќе можат да пријават повреди на избирачкото право. Бројот 0800 54321 ќе биде пуштен во употреба в понеделник и преку него ќе можат да се пријават сите непрaвилности за време на предизборниот период и на денот на гласањето.
Телефонската линија ќе функционира секој работен ден од осум до 16 часот и по пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш по примениот повик или снимената порака.
Народниот правобранител во пресрет на претседателските избори и предвремените локални избори за градоначалници на Охрид, Дебар и Ново Село ги потсетува граѓаните на важноста на избирачкото право и на начинот на негово остварување и заштита, а воедно упатува апел до институциите и до сите други дека имаат обврска и одговорност да создадат реални услови за одржување на фер и демократски избори.
„Секој има право да се изјасни за својата опција, без притоа да трпи последици. Граѓаните се тие кои одлучуваат. Никој не смее во нивно име, преку разни форми на притисоци, уцени и закани, да одлучува. Граѓаните не смеат да молчат. Напротив, со навремено пријавување на неправилности од кој било вид го штитат своето право и придонесуваат за демократичноста на изборниот процес во целина“, се вели во соопштението на Народниот правобранител.
Народниот правобранител упати посебен апел до сите кои се на раководни позиции во институциите и до други лица во јавната администрација да не се осмелуваат на каков било начин да вршат заплашување и притисоци врз вработените и да се однесуваат одговорно. Тој охрабрува да се пријавуваат таквите дејствија до надлежните институции и до Народниот правобранител.