Жичницата на Милениумскиот крст на Водно од утре ќе работи еден час повеќе, односно наместо до 17 часот ќе биде отворена до 18 часот. Последното возење кон крстот ќе биде во 17.30 часот, а за враќање во 17.45. Од ЈСП „Скопје“ велат дека лани е зголемен бројот на продадени билети во однос на 2017 .
„Вкупно лани биле продадени 166.791 билети, при што е остварен приход од 13.488.230 денари, додека во 2017 година се продале 160.699 билети, а бил остварен приход од 13.287.100 денари. Најголем пораст е забележан кај продажбата на групните билети за возрасни, биле продадени 7.420 билети, што е за 1.168 билети повеќе во споредба со 2017 година. Забележан е пораст и на продажбата на билети за враќање и месечни билети“, велат од ЈСП „Скопје“
Од јавното претпријатие велат дека зголемувањето на посетители на жичницата е и поради бесплатните автобуски линии кои за викенд сообраќаат до Средно Водно.
„Неодамна беше потпишан договор за деловно-техничка соработка со тимот на жичарницата од Сараево, Босна и Херцеговина. Соработката меѓу двете жичарници ќе значи размена на искуства помеѓу двата тима, а по потреба и техничка подршка“, велат од ЈСП „Скопје“.
Жичарницата на Средно Водно работи секој ден, освен понеделник и секој последен вторник во месецот, кога се врши редовен технички преглед на објектот. Првото поаѓање е во 10 часот, а последното возење од горе надолу е во 17.45 часот. Билет за возрасни чини 100 денари за две насоки, а 50 за еден правец. Билет за деца чини 50 денари. Во вторник, петок, сабота и недела, бесплатен превоз имаат пензионерите, во среда бесплатно возење имаат учениците од средните училишта чијшто основач е Град Скопје и одлуката важи за време на учебната година. Во четврток бесплатно возење имаат и редовните студенти на државните факултети.
А. АНТЕВСКА