ПРИВАТИЗАЦИЈА НА БОЛНИЦИТЕ Е ШТЕТНO И ЗА ГРАЃАНИТЕ И ЗА ВРАБОТЕНИТЕ, ВЕЛИ СИНДИКАТОТ НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР

    ПРИВАТИЗАЦИЈА НА БОЛНИЦИТЕ Е ШТЕТНO И ЗА ГРАЃАНИТЕ И ЗА ВРАБОТЕНИТЕ, ВЕЛИ СИНДИКАТОТ НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАРЗа Самостојниот синдикат на вработените во Универзитетските клиники е нејасно дали Министерството за здравство ќе затвора болници или ќе ги приватизира и како; - Од блокадите на наплатните рампи во Клинички центар од вработените, лани во декември (Фото: СДК.МК)

    Самостојниот синдикат на вработените во Универзитетските клиники смета дека приватизацијата на државните болници е штетна и за вработените и за граѓаните. Оваа реакција од Синдикатот следи по вчерашната изјава на министерот за здравство Венко Филипче дека по изборите, по испитувања направени на терен, ќе се знае кои болници се неодржливи за работа и во кои може да се примени модел на јавно-приватно партнерство.

    „Сметаме дека јавно приватното-партнерство во болниците, како долгорочен договор со преземени обврски и јасно дефинирани газди е штетен за државата, вработените во јавните здравствени установи, а најмногу за пациентите и граѓаните“, се вели во писмената рекација од Синдикатот.

    Синдикатот смета дека од изјавата на министерот за здравство не е јасно дали стратегијата за болниците во помалите општини е регионализација или јавно приватно партнерство.

    „Доколку Министерството за здравство се залага за регионализација и затварање на болниците, Синдикатот на Клинички центар е на мислење дека за тоа прашање треба да се консултираат граѓаните. Поради несогласување на жителите од општината, во минатото не се оствари планот на Министерството за здравство за затварање на болницата во Крива Паланка“, вели Синдикат.

    Од Синдикатот велат дека за нив е нејасно, ако болниците кои немаат доволно пациенти и кадар се дадат на приватни газди како модел на јавно-приватно партнерство, како тие ќе го пополнат капацитетот и од каде ќе обезбедат здравствени работници.

    „Дали се планира здравствениот персонал да се пополни на сметка на Универзитетските клиники во состав на Клинички центар и истите да станат недоволно конкурентни на таквите ‘јавно’- приватни болници!? Целта на јавното здравство не е остварување добивка, туку обезбедување на социјалниот мир. Богатството и убавината на нашето јавно здравство е правото на избор на доктор за сите осигуреници, а истото е привилегија на мал број граѓани во приватното здравство. Јавното здравство целосно гледано, сѐ уште ја нуди најквалитетната стручна услуга во државата“, вели Синдикатот.

    Министерот Филипче вели дека во случајов не станува збор за затворање болници, туку дека анализата на терен и физибилити студиите треба да покажат дали и во кои болници е можен модел на јавно-приватно партнерство.

    „Откако ќе завршат физибилити студиите, ќе видиме дали и кој од седумте можни модели на јавно-приватно партнерство е применлив и ќе го понудиме како решение. Притоа, за сите детали ќе бидат запознаени и консултирани преку јавни дебати и здравствените работници и синдикатот и граѓаните. Нема да затвораме болници, но ако некое крило од болницата е нефункционално, каде нема ни кадар и опрема ќе го затвориме, бидејќи практично и сега не функционира. Анализата треба да покаже како ќе се прави таа рационализација“, вели Филипче.

    Синдикатот соопшти дека поради почнување на кампањата за престојните претседателски избори ќе ја прекине комуникацијата со јавноста и со медиумите, сè до завршување на изборниот процес.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира