Загинати се сите четири патници во авионот „цесна“ кој попладнево се урна кај планинскиот врв Солунска глава, потврдија од Агенцијата за цивилно воздухопловство. Од таму велат дека со полициските хеликоптери пронајдени се остатоците од авионот и телата на четворицата патници. Извлекувањето на телата на загинатите е одложено за утре поради лошите временски услови.
Патниците во авионот се бугарски државјани, мајка и татко со две деца. Како што објавија бугарските медиуми, станува збор за семејството на 49-годишниот Георги Бошнаков, сопственик на фирма за рециклирање отпад.
„Нема преживеани во несреќата. Со пронаоѓање на остатоците од авионот завршуваат надлежностите на Агенцијата за цивилно воздухопловство. Сите активности понатаму ги презема Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ)“, изјавија од Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Николче Тасески, претседател на Управниот одбор на М-НАВ претходно изјави дека авионот „цесна П210Н“ полетал од Охрид и се упатил кон Софија, а бил изгубен од радарската слика околу 16.15 часот. Поради лошите временски услови побарал да слета на Скопскиот аеродром, но се премислил и се упатил кон Софија. На 26 километри јужно од Скопје, некаде кај Солунска Глава се губи сигналот. Пред да се изгуби сигналот, последен контакт со пилотот било: „Јака турбуленција, јака турбуленција“.
А. АНТЕВСКА