СЕ ДОГОВОРИВМЕ СО ДЕСКОСКА ДА СЕ ВИДИМЕ ЗА СЈО, А ЕДНА НЕДЕЛА НЕ МИ СЕ ЈАВУВА, ВЕЛИ ПРЕГОВАРАЧОТ НА ВМРО-ДПМНЕ МЕНКИНОСКИ

    СЕ ДОГОВОРИВМЕ СО ДЕСКОСКА ДА СЕ ВИДИМЕ ЗА СЈО, А ЕДНА НЕДЕЛА НЕ МИ СЕ ЈАВУВА, ВЕЛИ ПРЕГОВАРАЧОТ НА ВМРО-ДПМНЕ МЕНКИНОСКИИма доближување во дел од барањата на ВМРО-ДПМНЕ, а кои се однесуваат на етичкиот кодекс. - Министерката за правда Рената Дескоска; Преговарачот н ВМРО-ДПМНЕ Тони Менкиноски (Фото: СДК.МК)

    Партиски преговори за новиот Закон за Јавното обвинителство во кој треба да влезе и СЈО, што се водат во Министерството за правда, нема откако почна предизборната кампања, зашто како што изјави министерката за правда Рената Дескоска, „оставен е простор ВМРО-ДПМНЕ да си направи консултации заради преиспитување на одредени нивни барања“. Тоа се однесува на амандманите за згаснувањето на СЈО откако ќе се завршат судските процеси за 20-ината обвиненија, за прекин на истрагите по 30 јуни 2017  и за алтернативниот амандман од ВМРО-ДПМНЕ идното СЈО да нема автономија и да стане одделение во ОЈО за организиран криминал и корупција.

    Преговарачот од ВМРО-ДПМНЕ адвокатот Тони Менкиноски, назначен од лидерот на партијата Христијан Мицкоски како експерт,  во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК прашува: „А со кого да се консултираме?“ Тој вели: „На последната средба со министерката за правда Рената Дескоска откако доставивме 65 амандмани за законот, се договоривме да се видиме конкретно за амандманите. Да каже по ред, кој од нив го прифаќа, кој не. Еве помина повеќе од една недела, таа ми се нема јавено“.

    Во Министерството за правда за САКАМДАКАЖАМ.МК повторно кусо одговорија: „Треба да направат консултации и да се вклопат со барањата за евроинтеграции“.

    Дескоска, откако ги разгледа амандманите, продолжи да разговара со пратениците во Парламентот и да бара поддршка за новиот закон за Јавно обвинителство. Притоа, јавно кажа дека не се прифатливи клучните амандмани со кои ВМРО-ДПМНЕ наспроти ЕК и Венециската комисија, бара запирање на истрагите што ги почна СЈО по 30 јуни 2017 и амандманите за претопување на СЈО во друго обвинителство.

    Но, она што го дознаваме од партиски извори е дека, сепак, има доближување во други барања од ВМРО-ДПМНЕ, а кои се однесуваат на етичкиот кодекс, што најверојатно ќе бидат прифатени од Дескоска и внесени во предлог-законот. Тие работи се многу важни за транспарентноста во работењето, што е болка на обвинителствата кај нас. ВМРО-ДПМНЕ предлага убаво да се уреди со закон отчетноста на обвинителската работа, односот со медиумите, но и односот на секој обвинител во општеството, нешто за кое извори од владејачкиот СДСМ велат дека е прифатливо и за нив.

    Оттаму велат дека и да се сака, не смее да се чепка кај самостојноста на идното Специјално обвинителство кое треба да се бави со корупција кај актуелната централна, локална, судска и обвинителска власт, зашто препорака за евроинтеграција никогаш нема да добиеме. Најмалку смее да се укине и веќе да не постои, како што бара ВМРО-ДПМНЕ.

    Во минатото, Обвинителството за организиран криминал не ги истражуваше, туку напротив, ги штитеше сите актуелни претставници на власта, највисоките функционери, додека државата само се искачува сѐ погоре на листата со најкорумпирани земји во светот, според Индексот за перцепција на корупцијата.

    Истата ситуација е и денеска, никој не го истражува работењето на функционерите на СДСМ и на ДУИ и на нивните коалициони партнери.

    Уште еден аргумент дека ВМРО-ДПМНЕ нема право да му ја крати автономијата на идното СЈО, велат собраниски извори, е тоа што од 2015 кога се формираше СЈО, буквално ништо во редовното обвинителство не се сменило во однос на персоналниот состав и капацитетите, освен што има нов државен обвинител.

    Нема избор на нови јавни обвинители, истите луѓе се, нема реформи, нема разрешени обвинители кои го беа прекршиле кодексот и законот со своето непостапување, и натаму фалат обвинители во најистурените обвинителства како Обвинителството за организиран криминал и корупција и особено во Скопското јавно обвинителство, обвинителски истражни центри сѐ уште нема, бидејќи не се потруди ни оваа власт да ги формира, Советот на јавни обвинители не е реформиран. Во моментов такви капацитети има само СЈО, без оглед што со новиот закон се предлага ограничен мандат и континиурани избори и реизбори на специјалните обвинители во иднина.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира