Шведска и другите земји членки на Европската Унија внимателно ги следат преземените чекори за измените на Законот за јавното обвинителство со кои Специјалното јавно обвинителство (СЈО) би станало постојан дел на правниот систем на земјава, и во иднина би требало да има и проширен мандат за делување со други случаи на корупција на високо ниво, соопшти шведската амбасада по денешната средба на амбасадорот Матс Стафансон со Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзините соработници. Стафансон ги повика партиите и Собранието најитно да овозможат продолжување на работата на СЈО зашто тоа има влијание врз европерспективата на земјава.
„Сè уште постои силна потреба за справување со корупција на високо ниво и за истражување на бројните индикации за злоупотреба на моќ, кои произлегуваат од снимените комуникации. Во овој контекст, СЈО мора да ја задржи својата круцијална улога преку осигурување на неговите капацитети и независност. Бидејќи има јасно влијание врз ЕУ перспективата на Северна Македонија, политичките партии и Собранието би требало да го решаваат ова прашање со огромна итност“, изјави амбасадорот Стафансон.
Амбасадорот на Јанева ѝ кажал дека шведската влада високо ја вреднува работата на Специјалниот јавен обвинител и нагласил дека продолжувањето на досегашните истраги, обвиненија и случаи треба да биде обезбедено.