Претседателскaтa кандидатка Гордана Силјановска-Давкова повика на масовна излезност на изборите на 21 април и 5 мај, бидејќи, како што кажа, ако нема цензус од 40 проценти, власта ќе си го смени Уставот и ќе си реши претседателот да се бира во Собранието, на централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ од изборната кампања за претседателските избори што се одржа пред зградата на Владата во Скопје.
„Погодете кој тогаш ќе биде претседател на Македонија. Тогаш целата власт ќе се најде во нивни раце и тогаш може да станеме диктатура. Затоа треба да се излезе на избори”, рече таа.
Силјановска-Давкова обвини дека во земјава нема поделба на власта и дека целата власт е во рацете на неколку луѓе, кои таа ги нарече конзули.
„Прв конзул е премиерот Зоран Заев, кој е небаре ренесансен човек, надлежен за сѐ, од комунални работи до судски реформи”, кажа Силјановска-Давкова.
На почетокот на митингот, химната ја испеа оперскиот пејач Игор Дурловски кого судот минатиот месец го ослободи од обвинението за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, а по Силјановска-Давкова зборуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.