БИЛЕТИ ЗА ЛИТУРГИЈАТА НА ПАПАТА НА 7 МАЈ ИМА НА УШТЕ ТРИ ЛОКАЦИИ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

    БИЛЕТИ ЗА ЛИТУРГИЈАТА НА ПАПАТА НА 7 МАЈ ИМА НА УШТЕ ТРИ ЛОКАЦИИ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕБесплатни билети за литургијата на папата Фрањо во Скопје на 7 мај ќе можат да подигнат и на улица Македонија кај Спомен-куќата на Мајка Тереза, на влезот на Градскиот трговски центар од Плоштад Македонија и на влезот од Старата Скопска чаршија кај поранешна стоковна куќа Мост.(Фото: Ватикан њуз)

    Од утре до 3 мај, уште на три локации во центарот на Скопје ќе може да се добијат бесплатни билети за литургијата на папата Фрањо на Плоштад Македонија на 7 мај. Од Координативното тело за организирање на посетата на папата велат дека освен во католичките парохии во државата, бесплатни билети ќе можат да се подигнат и на улица Македонија кај Спомен-куќата на Мајка Тереза, на влезот на Градскиот трговски центар од Плоштад Македонија и на влезот од Старата Скопска чаршија кај поранешна стоковна куќа Мост.

    „Дрвените штандови поставени на наведените локации во Скопје ќе работат од 9.30 до 17.30 часот, почнувајќи од утре 30 април до 3 мај, кога е и последниот ден за подигнување на бесплатните билети за учество на светата литургија. Штандовите ќе служат и како точки за информирање на граѓаните за посебните безбедносни и организациски правила. Сите граѓани кои на 7 мај ќе се упатат кон Плоштадот Македонија за да учествуваат на литургијата на папата, треба да пристапат во својата зона преку влезот кој е одреден на бесплатниот билет. Билетот потребно е да се чува со себе сé до крајот на литургијата“, велат од Координативното тело.

    Освен правилата на однесување за време на литургијата, на официјалната веб-страна papa.mk објавени се и посебните сообраќајни правила за движење на автомобили и пешаци низ центарот на Скопје, кои ќе важат за време на посетата на папата. 7 мај е работен ден, при што за сите државни и приватни капацитети ќе бидат обезбедени потребните услови за работа. Сите граѓани кои живеат или работат околу Плоштадот Македонија ќе имаат непречен пристап до своите живеалишта, односно места на работа, преку поминување на еден од одредените влезови. Важно е со себе да носат документ за идентификација. Внатре во зоната ќе имаат слободен пристап до сите локации, освен во затворената зона на самиот плоштад, за која е потребен билет за учество на литургијата.

    Од координативното тело апелираат да се користи јавниот автобуски превоз кој на 7 мај ќе биде бесплатен, а исто така нема да се наплатува ниту паркирање на сите паркинзи низ Скопје. Од 6 до 19 часот додека трае посетата на папата, центарот на градот односно реонот Голем ринг ќе биде затворен за сообраќај.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира