ЈАПОНСКИОТ ЦАР АКИХИТО АБДИЦИРАШЕ И МУ ПОСАКА МИР И ЉУБОВ НА СВЕТОТ

    ЈАПОНСКИОТ ЦАР АКИХИТО АБДИЦИРАШЕ И МУ ПОСАКА МИР И ЉУБОВ НА СВЕТОТАкихито доби дозвола да се повлече поради возраста и нарушено здравје (Фото: Ројтерс)

    Јапонскиот цар Акихито абдицираше на историска церемонија во Токио, станувајќи првиот монарх по повеќе од 200 години кој доброволно го предал тронот. Осумдесет и петгодишниот Акихито пред неколку месеци доби дозвола да абдицира откако призна дека веќе не е способен да ги исполнува царските должности поради своите возраст и нарушено здравје.

    Принцот Нарухито официјално ќе го наследи тронот утре, со што ќе почне нова ера во земјата.

    Во својот последен говор како цар, Акихито им посака мир и просперитет на Јапонија и светот.

    „Длабоко сум му благодарен на народот што ме прифатил како симбол и ме поддржуваше. Од срце се надевам дека новата ера Реива ќе биде мирна и плодна и затоа се молам за среќа и добросостојба на нашата земја и на луѓето околу светот“, кажа царот на заминување.

    Околу 330 гости присуствуваа на церемонијата на абдикацијата, што се одржа во Царската палата во Токио.

    Акихито е првиот јапонски цар кој се повлекува од тронот од 1817 година. Тој уште во 2016 година најави дека би можел да абдицира.

    Во исто време, Нарухито ќе стане 126. јапонски цар и официјално ќе ја води земјата во новата ера Реива, која ќе ја замени ерата Хеисеи, што почна во 1989 година. Педесет и деветгодишниот Нарухито дипломираше на Оксфорд и со сопругата, принцезата Масако Овада имаат една ќерка, родена во 2001.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира