Таткото на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев во конкуренција на четворица кандидати кои го положиле испитот за едно работно место во Центарот за управување со кризи (ЦУК), во време на владеењето на оваа партија, се вработил како второрангиран без да ги исполни двата главни услова.
До Антикорупциската комисија за таткото Љубенчо Јанушев од ЦУК се испратени само податоци за второ и четврто рангираните кандидати, а за првиот и третиот не. На денешната седница на Комисијата, за овој случај беше кажано дека во најтесната конкуренција тој како второрангиран го победил четврторангираниот. Тој поднел жалба дека Љубенчо Јанушев не ги исполнува условите познавање на англиски јазик и работно искуство од три години во менаџирање со кризи. Во скромната добиена документација стои дека победникот на огласот Љубенчо Јанушев има поднесено само едно уверение за завршен прв степен по англиски јазик во 1983 година.
Комисијата утврдила влијание за непотизам и во случајот на вработувањето на Александар Тошевски во Централниот регистер во 2008 година, а кој е брат на Анастасија Илиевска, советник за безбедност на претседателот Ѓорге Иванов. За него бил распишан специјален оглас за едно работно место, со средно образование.
Под лупа била и сестрата на поранешниот амбасадор Андреј Лепавцов од ВМРО-ДПМНЕ. Драгица Лепавцова била вработена во АЕК во 2012 година, без правилник за систематизација и регуларна постапка со повеќе пријавени кандидати на интервјуа и селекција дека била најдобра. Имало само документ дека завршила на ФОН политички науки.
Случаите постари од 3 години се застарени, но Комисијата укажува на злоупотребите што се правеле и се прават со фалинките во Законот за работни односи, кои им даваат дискреционо право на директорите на јавните претпријатија и агенции да злоупотребуваат и вработуваат со непотизам и влијанија.
С. К. ДЕЛЕВСКА