Граѓаните кои утре ќе ја следат литургијата на папата Фрањо на Плоштадот Македонија, ако врне не смеат да носат чадори, туку само кабаници. Забраната за носење чадори, како што велат од Координативното тело за посетата на Папата, е бидејќи така налагаат меѓународните безбедносни протоколи.
Низ Скопје утре ќе биде воведена забрана за сообраќај не само низ центарот на градот, туку и на трасата која ќе ја минува папата Фрањо по пристигнувањето на Меѓународниот аеродром Скопје. Затворен за пациенти ќе биде и Клиничкиот центар, бидејќи низ улицата Водњанска Папата ќе минува за да стигне до претседателската вила на Водно, каде ќе има средба со државниот врв.
Ако не врне, Папата со папамобил низ улица Македонија ќе пристигне до Плоштадот Македонија, каде веќе е направена и оградена патеката низ која ќе се движи.
ЗАТВОРЕНИ УЛИЦИ
- Центарот на Скопје или Големиот ринг ќе биде затворен за сообраќај од 6 до 10 часот. За автомобили целосно ќе бидат затворени улиците 11 Октомври од крстосницата со булеварот Кочо Рацин до крстосницата со улицата Димитрие Чуповски и улиците Даме Груев, Македонија, Васил Главинов, Филип Втори Македонски, Свети Климент Охридски и улицата Иљо Војвода.
- Сообраќајот од и кон Меѓународниот аеродромот Скопје ќе биде прекинат во периодот од 7.30 до 9 часот и од 17 до 18.30 часот.
- Улицата Водњанска ќе биде затворена за сообраќај, односно нема да биде дозволен пристап до скопските клиники. Во Клиничкиот центар од денеска од 18 часот до утре до 18 часот, нема да биде дозволено паркирање на приватни автомобили, односно во кругот на комплексот клиники ќе се пропуштаат само возилата на Итната медицинска помош. Пристапот до Клиничкиот центар ќе биде ограничен во временските интервали од 08:30 до 10:00 часот претпладне, и во одреден период во попладневните часови. Сите граѓани коишто во овој временски интервал ќе имаат потреба од медицинска услуга треба да се упатуваат во Градската општа болница „8 Септември” (или поранешната Воена болница), или во Универзитетската клиника по хируршки Болести „Св. Наум Охридски“ (поранешна Градска), во центарот на Скопје која ќе биде постојано достапна. Клиниката за гинекологија и акушерствo ќе биде достапна за пациентките, како и клиниката за детски болести, до која ќе се пристапува од задниот влез на Клиничкиот центар, поточно од кај хотелот Тасино Чешмиче.
- Граѓаните коишто живеат во централното градско подрачје, во зоната Голем ринг, ако сакаат да ги користат возилата на 7 мај, треба да ги извадат надвор од рестриктивната зона еден ден порано, односно денеска. Ако тоа не го сторат, колите нема да можат да ги извадат од зоната за време на посебниот сообраќаен режим.
- Бесплатен цел ден ќе биде автобускиот превоз и сите паркиралишта низ Скопје.
ПРАВИЛА ЗА ПРИСУСТВО НА МИСАТА
- На литургијата на Плоштад Македонија може да присуствуваат само граѓаните кои ги зеле бесплатните влезници.
- На влезовите во градот за граѓаните од другите градови ќе има полиција која ќе ги насочува кон паркингот каде ќе ги дочекаат волонтери кои ќе ги насочуваат кон плоштадот.
- Учесниците на мисата треба да пристигнат во Скопје најдоцна до 6 часот. Потребно е да се пристигне во ова време заради безбедносните прегледи кои ќе се вршат на патиштата.
- Влезот во литургискиот простор ќе биде отворен од 6 часот, а до 9 часот сите пријавени учесници треба да се наоѓаат на Плоштадот. Пред влезот во литургискиот простор ќе биде извршен полициски преглед.
- Граѓаните кои ќе присуствуваат на литургијата со себе не смеат да носат експлозивни направи, запалки, петарди, факели, запаливи смеси и течности, спрееви и шишиња со компримиран воздух, огнено и ладно оружје. Забрането ќе биде внесување и на храна и пијалоци во метална и стаклена амбалажа, алкохол, чадори и знамиња.
- Сите учесници со себе треба да имаат влезница и личен документ – лична карта или пасош, здравствена книшка и историја на болеста за хронично болните, како и најпотребните лекови кои ги користат. Вода и освежувачки пијалоци во проѕирна пластична амбалажа, а ако носат храна таа треба да биде во картонска или хартиена амбалажа.
- Ако врне, бидејќи нема да биде дозволено внесување чадори, треба да се носи мантил за дожд.
- Кога папата Фрањо ќе минува меѓу присутните, не е дозволено фрлање било какви предмети, дури ни цвеќе, а во текот на литургиската прослава не е дозволено ракоплескање.
А. АНТЕВСКА