ПРОПАДНА ТЕНДЕРОТ ЗА ЗИПЛАЈНОТ ОД СКОПСКОТО КАЛЕ ДО ГРАДСКИОТ ПАРК

    ПРОПАДНА ТЕНДЕРОТ ЗА ЗИПЛАЈНОТ ОД СКОПСКОТО КАЛЕ ДО ГРАДСКИОТ ПАРКНа јавниот повик за избор на изведувач за проектирање, набавка и изградба на зиплајнот од Кале до Градски парк не стигнала ниту една прифатлива понуда и ќе се повтори. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Пропадна тендерот на Град Скопје за изградба на зиплајн од тврдината Кале до Градски парк. На јавниот повик за избор на изведувач за проектирање, набавка и изградба на зиплајнот не стигнала ниту една прифатлива понуда, стои на страната на Бирото за јавни набавки.

    „Ниту една од фирмите не ја поднесе потребната банкарска гаранција. Ќе распишеме нов тендер за избор на изведувач“, велат од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.

    Градоначалникот Шилегов ја најави изградбата на зипјалнот уште во март лани и требаше да биде готов лани летото. Но, тендерот беше распишан дури годинава во март оти првичниот проект бил утнат, па се правел нов. Првиот проект не можел да се изведе оти точката од која треба да почнувала жичницата била под висок агол и се покажало дека постои опасност при спуштањето. Затоа се барало друга локација за почетна точка исто на Кале, и според неа се правел нов проект.

    Адреналинската жичница треба да биде во должина од 400 метри, ќе биде опремена со соодветна безбедносна опрема и систем за кочење со кој ќе се регулира брзината на движењето. Изградбата ќе чини околу 50.000 евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира