Суд во Подгорица осуди на петгодишен затвор двајца проруски опозициски политичари кои се обидоа да ја соборат власта во Црна Гора во октомври 2016 година.
Уште 12 лица, од кои двајца агенти на руската разузнавачка служба ГРУ, се прогласени за виновни, но во отсуство.
Обвинителите кажаа дека заговорниците имале поддршка од Кремљ да го ликвидираат тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ и да го спречат влегувањето на Црна Гора во НАТО. Русија ги отфрли обвинувањата за пуч како апсурдни, додека опозицијата постојано тврдеше дека тоа била само игра за Ѓукановиќ, кој сега е претседател, да остане на власт.
Освен опозициските пратеници Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, други осудени се уште еден Црногорец, деветмина Срби и двајца Руси, кои добија и најтешки затворски казни, од 12 и 15 години.