Имав само девет месеци кога татко ми Димитар Илиевски-Мурато ме стави во обичен ранец и ме однесе на Пелистер, емотивно раскажува Јонче Илиевски, син на Мурато, првиот Македонец кој се искачи на највисокиот врв на светот Монт Еверест (8.848 м.н.в.), но за жал загина при симнувањето. Утре се навршуваат три децении од неговиот храбар подвиг, па по тој повод ќе се организираат 30. традиционален планинарски марш на Пелистер, изложба, а семејството на Мурато денес беше примено во кабинетот на градоначалничката Наташа Петровска.
Димитар Илиевски-Мурато се искачи на Монт Еверест (8.848 м.н.в.) на 10 мај 1989, како член на Македонската хималајска експедиција. Се раскажува дека само чизмата му тежела седум килограми. Се искачил на врвот од непалската страна преку глечерот Кумбу. Неговиот стил на искачување стана прифатен од сите следни експедиции. Успеал да стигне до целта по 15-часовно макотрпно искачување во услови на длабок снег. Заедно со него, на врвот во истиот ден се искачиле и Словенецот Виктор Грошељ и Хрватот Стипе Божиќ. На врвот се задржал околу еден час. На симнувањето се смета дека останал најверојатно на височина од 8.200 метри. Причината за неговата смрт не е разјаснета до денес, бидејќи за целото време бил во одлична состојба. Се смета дека застанувајќи за кратко да го почека Стипе, кој бил зад него и имал проблеми со светилката, Диме заспал.
„Првите чекори на планина ги направив со татко ми, уште од мало бебе, бев девет месеци кога за првпат бев на Пелистер со него. Ме исчачи во обичен ранец. И од тогаш почна мојата поврзаност со планината, па продолжи во животот и со работата, со активностите на планина. Сè уште сум на планина благодарение на него“, вели син му Јонче Илиевски.
Тој денес е искусен планинар, а работи на пунктот на Македонската радиодифуција на врвот Пелистер. Во 2011 ја посети и спомен-плочата што по патот до базниот логор за Монт Еверест на Хималаите ја постави Јован Поповски, водичот на експедицијата од 1989 чиј член беше и Мурато.
„По негова иницијатива поставена беше спомен плоча на местото Дугла на 3.800 метри надморска височина. Таму има споменици од скоро сите загинати на Монт Еверест, познати личности, шерпаси и други аплинисти. На самиот пат, на многу видно место поставена е спомен-плочата за татко ми. Во моментот кога бев таму имаше заинтересираност од многу други експедиции кои се искачуваа нагоре и застануваа се фотографираа крај плочата и така се пренесуваа информации за татко ми и за Македонија“, рече Јонче.
При посетата на плочата, намерно побрзал 15 минути да стигне побрзо од бугарската експедиција со која се искачувал, за да може на само да ги сподели чувствата. Крај споменикот оставил и фотографија од новите членови на семејството, поточно од внуците од двата сина кои Мураро немал среќа да ги запознае.
Градоначалничката Наташа Петровска при денешната средба со семејството рече дека се разгледува идејата за постојана музејска поставка посветена на Мурато.
„Спомен-плочата кај неговата куќа да се преуреди, зашто е точка до која можат да дојдат туристи и да дознаат информации повеќе за тој подвиг. Може да се постави и цела музејска поставка во нашиот Музеј, каде туристите кои доаѓаат во градот, но и нашите сограѓани ќе можат да прочитаат повеќе за неговиот подвиг. Тоа се идеи кои градот може да ги реализира и Мурато тоа го заслужува“, рече Петровска.
Во чест на 30-годишнината од освојувањето на врвот Монт Еверест од Мурато, утре и задутре Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ го организира 30. традиционален планинарски марш „Димитар Илиевски-Мурато“. Овој пат по две маршути, утрешната од Ниже Поле, преку Дебел Рид, ноќевање на Големо Езеро, а следниот ден маршот продолжува до Партизански Врв, Широко Стапало, врв Пелистер и Димев Врв. В сабота, маршот тргнува од Инфо центрот сè до Димев Врв, а ќе се одржи и реч посветена на Мурато.
На десетгодишнината од смртта на Мурато беше организирана алпинистичка експедиција за симнување на неговото тело од планината. Тогаш се сметаше дека се знае и точната локација каде се наоѓа телото, но поради настанати административни пречки со непалската влада акцијата беше откажана пред самиот почеток.
Ж. ЗДРАВКОВСКА