Три трговски центри во Брисел беа евакуирани попладнево по дојави за експлозивни направи, полициските операции се во тек, јави дописничката на МИА од Брисел. Калина, Македонка која живее во Брисел, се наоѓала во едниот од овие центри кога започнала тревогата.
„Почна една сирена, очигледно дека не беше аларм за пожар, различно звучеше, и низ разглас ни рекоа да излеземе од најблискиот излез без да си ја земеме колата, луѓето почнаа да трчаат, не знаеш дали во моментот некој шета со пушка или нешто, ништо не знаеш, кажа од местото на настанот Калина за МИА.
Таа вели дека веднаш се затвориле продавници и се појавиле војници во центарот. Полициски извори за МИА потврдија дека во моментов се наоѓаат специјални единици за деминирање во центрите и дека операциите течат непречено.
„Инспекцијата е во тек од специјални служби на федералната полиција, безбедносен периметар е определен и во постојан контакт сум со полицијата за да се види кои мерки да се преземат“, изјави за медиумите градоначалникот на општината Волуве Сен Ламбер каде се наоѓа еден од трговските центри.
Полицијата не информира дали станува збор за терористичка закана.
На 22 март 2016 во два терористички напади во Брисел загинаа 33 луѓе и повредени се над 300.