Грампи Кет, мачката која заработи милион долари откако стана интернет сензација благодарение на својот постојано намуртен израз на лицето, умре на седумгодишна возраст. Со вистинско име Тардар Сос, оваа мачка од Мористаун, Аризона имаше милиони фанови на социјалните мрежи, а нејзиниот необичен изглед се должеше на џуџестиот раст.
„Некои денови се понамуртени од другите. Нашиот омилен домашен миленик умре во моите раце од компликации од инфекцијата на мочниот канал“, напиша нејзината сопственичка Табата Бандсен на Твитер.
Откако една фотографија од Тардар Сос се прошири на социјалните мрежи, животот на дотогашната келнерка Бандсен целосно се промени, станувајќи нејзин менаџер. Грампи Кет имаше 2,4 милиони следбеници на Инстаграм и 1,5 милиони на Твитер. Мачката беше заштитно лице на брендот на ледено кафе „Грампучино“ и на популарната храна за мачки „Фрискис“, се појави на Бродвеј и во филм и „напиша“ четири бестселери.