ИСЛАНЃАНИТЕ СО ПАЛЕСТИНСКИ ЗНАМИЊА НА ЕВРОВИЗИЈА ГИ ДОЧЕКАА ГЛАСОВИТЕ ОД ПУБЛИКАТА

    ИСЛАНЃАНИТЕ СО ПАЛЕСТИНСКИ ЗНАМИЊА НА ЕВРОВИЗИЈА ГИ ДОЧЕКАА ГЛАСОВИТЕ ОД ПУБЛИКАТАЧленовите на исландскиот политички мултимедијален колектив Хатари држеа палестински знамиња пред лицето во моментот кога се појавија на екраните додека водителите ги читаа бодовите што ги добиле од гласовите на публиката. (Фото: принтскрин)

    Исландската група Хатари вечерва со палестински знамиња ги дочека гласовите на публиката во финалето на Евровизија во Тел Авив, Израел. Членовите на овој политички мултимедијален колектив држеа палестински знамиња пред лицето во моментот кога се појавија на екраните додека водителите ги читаа бодовите што ги добиле од гласовите на публиката. Во преносот што го следеа 200 милиони луѓе, Исланѓаните беа во кадар неколку секунди, но доволно долго да се забележи нивниот протестен гест.

    Подоцна на Твитер тие пуштија видео во кое се гледа како евровизиското обезбедување им ги одзема знамињата.

    Евровизија во изјава сооптшти дека „последиците од ова дејство“ ќе бидат дискутирани на упраниот одбор на натпреварот.

    Ова не беше единствениот политички протест на самата Евровизија. Претходно за време на настапот на поп ѕвездата Мадона, двајца од нејзините танчари покажаа палестинско и израелско знаме, што според организаторот не било дел од претходно одобрениот настап.

    Пред да се одржи изборот во Тел Авив, повици за бојкот пристигнуваа од повеќе страни, најмногу од движењето БДС кое се залага за бојкот, изолација и санкции кон Израел поради третманот на палестинското население, а и од цела плејада реномирани артисти предводени од Роџер Вотерс, Брајан Ено и Мајк Ли. Кампањата за бојкот беше релативно неуспешна бидејќи ниту една од земјите учеснички не го откажа учеството, иако ја постигна целта да привлече големо внимание и го зголеми фокусот кон горливиот проблем.

    Во 2011 Исланд беше првата западноевропска земја што ја призна Палестина за неависна држава,.

    Хатари е формирана во Рејкјавик во 2015 од Клеменс Ханиган, Матијас Тригви Харалдсон и маскираниот тапанар Храфн Стефансон. Според нивниот манифест, групата е политички мултимедијален проект со цел да го тргне капакот на безгрижниот џган на секојдневниот живот.

    Како што велат: „Ние не можеме да ги смениме нештата. Но можеме да ја разоткриеме аномијата на неолибералното општество, бесмислата на секоја минута помината во бесцелна трка, и на ниската цена за која човекот се продава себеси дури уште побесмислено“.

    Тие најавија дека нивното ушесто на Евровизија е првиот храбар чекор на групата во нивниот глобален план да го оркестрираат неизбежниот пад на капитализмот. Нивниот настап беше микс на антикапиталистички, техно-дистописки, садо-мазо перформанс.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира